Делегација на УКИМ на Московскиот меѓународен модел на Светската царинска организација


Посета на Руската царинска академија во Москва и учество на настанот Moscow International WCO Model

На  19.3 2018 година делегација на Универзитетот  „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје предводена од Ректорот, Проф. д-р  Никола Јанкуловски ја посети Руската царинска академија во Москва. 

                                      

Во состав на делегацијата беа: 

Проф. д-р  Биљана Ангелова, Проректор за финансии, инвестиции и развој; 
Проф. д-р  Љубомир Дракулевски, Декан на  Економскиот факултет–Скопје и 
Проф. д-р  Весна Буцевска,  Продекан  за наука и меѓународна соработка  на Економскиот факултет-Скопје.

Делегацијата беше примена од : 

Проф д-р Владимир Бадминович Мантусов, Началникот на  Руската царинска академија; 
Проф. д-р  Елена  Лобас, Прв Проректор за академски работи; 
Проф. д-р Олег  Г. Карпович,  Проректор за научни и општи работи; 
Проф. д-р  Мирослав Ѓорѓевиќ, Професор по стоковни истражувања и царински преглед; 
Тамара Владимировна Вершинина, Помошник на ректорот и  
Ана СергеевнаЈакунина, Специјалист за учебно-методолошки работи на  Прва  категорија на Секторот за меѓународна соработка.

Состанокот беше отворен од страна на Началникот на  Руската царинска академија, Проф.  д-р Владимир Бадминович Мантусов. Тој ги поздрави македонските колеги и ја истакна важноста од зајакнување на соработката помеѓу образовните институции на двете земји во образовните и научните области.

Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Проф. д-р Јанкуловски му се заблагодари за топлиот прием и во својот говор истакна дека меѓународната соработка е приоритет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Ректорот предложи да склучи меморандум за соработка во образовни и научни сфери меѓу образовните институции на двете земји. 

Во периодот од 20 до 22.3.2018 година делегацијата на Универзитетот  „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје учествуваше на Втората сесија на Московскиот меѓународен модел на Светската царинска организација. Целта на Моделот е промовирање на создавањето на иновативни решенија за подобрување на ефикасноста на царинските администрации на државите и побрза интеграција во глобалната економија преку употреба на искуствата на Светската царинска организација.  Свое поздравно обраќање имаше Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Проф. д-р  Никола Јанкуловски, а проф. д-р Весна Буцевска одржа предавање за улогата на статистиката во меѓународната трговија.

Во работата на Втората сесија на Московскиот меѓународен модел на Светската царинска организација учествуваа двајца наши студенти- Сања Андреевска и Фатон Сулејмани, студенти на четврта студиска година на департманот Финансиски менаџмент. На почетокот на настанот студентите имаа краток тренинг како се формираат аргументи и како се дебатира,а дебатираа на тема “Оваа куќа верува дека Кина треба да биде дел од Евроазиската Комисија”. Студентите Сања Андреевска и Фатон Сулејмани освоија прво место во однос на формирање аргументи, јасно изразување и спротивставување на опонентите.

За посебно истакнување е постигнувањето на нашиот студент Фатон Сулејмани, кој ја доби наградата за најдобра презентација во рамки на Работната група на Светската трговска организација, Спогодбата за олеснување на трговијата на Втората сесија на Московскиот меѓународен модел на Светската царинска организација.

 

 


29.03.2018 прочитано: 756