Студиски програми

Локални финансии


Шифра Студиска програма Часови Кредити
FIN 430 Сметководство и ревизија 4+2 8,00
Предавачи
Сузана Макрешанска Младеновска

Опис

Предметот Локални финансии ја опфаќа материјата на јавните финансии на локално ниво на власта. Во таа смисла, оваа дисциплина претставува продолжение на наставата по предметот Јавни финансии, кој студентите го изучуваат во претходната година на студии. Предметот Локални финансии им овозможува на студентите да ги изучуваат карактерот, улогата и функциите на локалната власт во понудата на специфични добра и услуги, кои се просторно ограничени. Содржината на предметот опфаќа изучувања на прашања што се карактеристични за фискалната децентрализација, како што се поделбата на надлежностите и на приходните извори помеѓу централната и локалната власт, оптималната големина на локалната заедница, приходните извори на локалните буџети (даноци, заеднички приходи, надоместоци, итн.), буџетскиот процес и менаџирањето со локалните финансиски ресурси. Според содржината на предметот, значајно внимание се посветува на теоријата и политиката на дотации, со посебен осврт на методите на финансиско преливање, на буџетскиот дефицит и задложувањето на локалните власти и на можните импликации за локалните финансии и за стабилизационата политика на централната власт. Сите овие аспекти на локалните финансии се битни за идните економисти кои ќе се посветат на една актуелна проблематика во меѓународни размери, особено за земја како нашата, која е во процес на фискална децентрализација.

 

Содржина

 

  • Основни аспекти на фискалните односи помеѓу различните нивоа на власта
  • Модели на децентрализација и нејзино мерење
  • Ефекти на децентрализацијата врз големината и ефикасноста на јавниот сектор
  • Распределба на функциите помеѓу централната и локалната власт
  • Распределба на приходните извори помеѓу централната и локалната власт
  • Локални аспекти на даноците на имот
  • Корисничките надоместоци во локалното финансирање
  • Политика на дотации: видови дотации, причини за доделување и цели
  • Ефекти на различните видови дотации врз понудата на јавните добра и услуги
  • Фискален капацитет, фискални потреби и фискален напор на локалните власти
  • Хоризонтално и вертикално фискално израмнување
  • Задолжување на локалните власти
  • Фискалната децентрализација во земјите од Европската Унија
  • Европската повелба на локална самоуправа
  • Фискалната децентрализација во Република Македонија
  • Територијалната организација на локалната самоуправа во РМ
  • Кратка историја на процесот на фискална децентрализација во РМ
  • Распределбата на надлежности на локалните власти во РМ
  • Финансирањето на локалните власти во РМ
  • Задолжувањето на локалните власти во РМ
  • Вертикалниот и хоризонталниот дебаланс во РМ

 

Литература

  • Fisher, C. R., State and Local Public Finance, South-Western College Pub; 3th edition, 2006
  • Макрешанска, С., Фискална децентрализација, магистерски труд, Економски факултет - Скопје, 2011

 

Цели

 

  • Експертски да ја разберат и толкуваат фискалната децентрализација и нејзините предности;
  • Да вршат стручни анализи за состојбите во локалните финансии и да подготвуваат издржани објективни предлози за зголемување на ефикасноста на понудата на јавни добра и услуги во рамките на локалните единици на власта;
  • Да нудат издржани решенија за уредување на финансиските односи помеѓу централната и локалната власт, посебно во доменот на распределбата на приходните извори;
  • Да ги разбираат и применат соодветните форми на дополнително финансирање (дотации) на локалните единици, во функција на најефикасно задоволување на добрата од локално и од општествено значење;
  • Да го познаваат буџетскиот процес и буџетската контрола и ревизија на локално ниво на власта;
  • Да нудат алтернативни решенија во обезбедувањето финансиски ресурси преку задолжување и слични извори, заради финансирање на локалните капитални расходи;
  • Брзо да се вклучат во активностите на надлежните државни органи од областа на локалната самоуправа, како и во самите локални единици на власта.