Студиски програми

Финансиски пазари и институции


Шифра Студиска програма Часови Кредити
FIN 210 Менаџмент 6+0 8,00
Предавачи
Михаил Петковски

ОПИС НА ПРЕДМЕТОТ

Изучувањето на материјата по овој предмет треба да им овозможи на студентите да ги запознаат основните принципи на функционирањето на финансиските пазари (пазари на пари, пазари на капитал, девизни пазари, итн.) и финансиските институции (банки, осигурителни компании, пензиони фондови, инвестициони фондови, итн.) кои претставуваат извонредно важен дел од секоја национална економија, како и на светската економија во целина. Финансиските пазари и институции не само што влијаат на нашиот секојдневен живот, туку исто така се занимаваат со трансфер на големи износи на средства кои потоа влијаат на профитите на фирмите, производството на стоки и услуги и на економската благосостојба на нашата и странските економии. Во последните десетина години се случија фундаментални, револуционерни промени на финансиските пазари и институции во светски рамки.

На свој начин, низ драматични промени минаа и македонските финансиски пазари и институции. Овој предмет ќе ги запознае студентите со главните насоки и содржината на тие промени. Но со оглед на тоа што e извесно дека интензитетот на промените нема да се намали во иднина, тој е фокусиран кон тоа да им обезбеди на студентите такви знаења и аналитички орудија, кои ќе им бидат потребни да ги разберат финансиските иновации што сигурно ќе се случат кога тие професионално ќе се занимаваат со финансискиот бизнис.

Усвојувањето на знаењата од овој предмет претставува основа за натамошно усовршување на студентите кои очекуваат и посакуваат да се здобијат со работни места во широка група атрактивни области какви што се банкарството, финансиските институции воопшто, финансиите на корпорациите, државните институции и во мултинационалните деловни активности.

Клучни зборови: принципи на финансиските пазари и институции, пазар на пари, пазар на капитал, банки, инвестициски фондови.

 

СОДРЖИНА

  • Вовед во финансискиот систем
  • Финансиски пазари
  • Финансиски инструменти
  • Финансиски институции
  • Финансиски иновации
  • Финансиска регулација
  • Мерење на каматните стапки
  • Детерминанти на каматните стапки
  • Пазар на пари
  • Пазар на акции
  • Пазар на обврзници
  • Пазар на деривативни финансиски инструменти
  • Институционална структура на финансиските пазари
  • Комерцијални банки
  • Други депозитни институции
  • Небанкарски финансиски институции
  • Раководење со финансиски институции

 

ЛИТЕРАТУРА:

Основна:

  • Петковски Михаил, Финансиски пазари и институции, Универзитетски учебник, Економски Факултет – Скопје, (2009)
  • Frederic Mishkin, Financial Markets and Institutions, Addison-Wesley, New York, (2004)

Дополнителна: најнови материјали употребени во одделните презентации подготвени од страна на професорот, студии на случај, академски истражувања и анализи.

 

ЦЕЛИ НА НАСТАВАТА

По изучувањето на овој предмет, студентите треба да располагаат со следните области на знаења :

  • Да ги разбираат суштината и практичното значење на основните принципи на финансиите: максимизацијата на богатството,временската вредност на парите, конфликтот помеѓу ризикот и приносот, диверзификацијата како начин за намалување на ризикот, итн.
  • Да ги познаваат карактеристиките и видовите на различни финансиски инструменти (обврзници,акции, штедни влогови, заеми, финансиски деривати, итн.). Истовремено,да ги разбираат принципите на вреднување на финансиските инструменти, односно основните фактори од кои зависи одлуката на инвеститорот во кој од поголемиот број финансиски инструменти ќе ги вложи своите пари.
  • Да ги познаваат видовите и карактеристиките на финансиските пазари, нивните сличности и разлики, како и видовите финансиски инструменти со кои се тргува на одделните пазари.
  • Да ги познаваат видовите и карактеристиките на различните финансиски институции,како и причините поради кои некои од нив (на пример банките) се пораспространети од другите.
  • Да ги познаваат основните прашања со кои во практиката се соочуваат финансиските менаџери и да се здобијат со способност да решаваат некои од основните проблеми со кои тие се судруваат за време на нивното работење на финансиските пазари.