Европскиот ден на статистиката за првпат одбележан на Економскиот факултет – Скопје

„Подобри податоци, подобра иднина во ерата на вештачката интелигенција“

📅 20 октомври 2026  •  Катедра по математика и статистика

По повод Европскиот ден на статистиката, на 20 октомври 2026 година, во организација на Катедрата по математика и статистика, на Економскиот факултет – Скопје за првпат се одржа настан посветен на значењето, развојот и современата примена на статистиката, под мотото „Подобри податоци, подобра иднина во ерата на вештачката интелигенција“.

Настанот обедини студенти, професори, истражувачи и претставници на јавниот и невладиниот сектор, отворајќи простор за размена на знаења и идеи за улогата на статистиката во современото општество и економијата.

Фотографии од настанот

Како помина настанот

Обраќања и тематски излагања

Програмата започна со обраќања на деканот на Економскиот факултет – Скопје, проф. д-р Мијалче Санта, и проф. д-р Драган Тевдовски, по што следуваа три тематски излагања.

  • Проф. д-р Марија Трпкова-Несторовска го претстави развојот на статистиката низ историјата, од првите пописи до современите модели за предвидување.
  • Проф. д-р Виолета Цветкоска и доц. д-р Филип Пеовски говореа за поврзаноста меѓу статистиката и вештачката интелигенција.
  • Д-р Дејан Станков ги претстави можностите за унапредување на официјалната статистика преку примена на новите технологии.

Панел дискусија

Во рамките на панел дискусијата, модерирана од проф. д-р Драган Тевдовски, претставници на академската заедница и Државниот завод за статистика дискутираа за значењето на веродостојните податоци, современите аналитички пристапи и улогата на статистиката во креирањето политики и донесувањето одлуки.

Студентски дататон

Посебен акцент на настанот беше ставен на студентите и нивната способност да ги претворат податоците во знаење. Во финалето на студентскиот дататон, три студентски тимови ги презентираа своите истражувања, демонстрирајќи аналитичко размислување, креативност и примена на статистичките методи во обработката на актуелни економски и општествени прашања. Победничкиот тим беше избран преку гласање на публиката.

Прва награда
Андреј Стојков Бисера Богдановска Хелена Трајковска Марија Стојановска

Одбележувањето на Европскиот ден на статистиката ја потврди важноста на поврзувањето на академското знаење со практиката и на развивањето статистичка писменост и аналитички вештини кај младите генерации.

Подобри податоци, подобра иднина!