Департман менаџмент и претприемништво

 Студиската програма по Менаџмент (денес: Менаџмент и претприемништво) настана како резултат на потребата од создавање кадри со стручни знаења кои ќе одговараат на изменетите услови на стопанисување и раководење со компаниите по процесот на транзиција и приватизација од последната деценија на минатиот век. Креирана по угледот на студиски програми од истата област, студиската програма по менаџмент до денес целосно ја потврди нејзината оправданост.

Денес, целта на студиската програма по Менаџмент и претприемништво е да овозможи создавање на школуван кадар кој ќе ги познава и имплементира современите принципи на управување со компаниите, процесите, човечките ресурси и останатите компоненти на деловните системи и ќе биде во состојба да одговори на барањата на раководните и управувачки позиции на различни нивоа во компаниите.

Реномираниот и висококомпетентен кадар на овој Департман континуирано ги следи и ги вклучува во студиските програми и во самиот процес на настава најсовремените знаења и наставни техники кои се развиваат на реномираните универзитети ширум светот. Тоа овозможува создавање кадри кои потоа успешно се вклучуваат во процесите на работа во компаниите и институциите, а дел од нив успешно го продолжуваат и своето школување на студиите од втор циклус во земјата и странство.

Работните места за кои се оспособуваат студентите на департманот Менаџмент и претприемништво опфаќаат:

  • Извршни и оперативни менаџери на различни нивоа во компаниите;
  • Стратегиски аналитичари и планери задолжени за изработка на инвестицискии студии, стратегиски, бизнис и тековни планови;
  • Менаџери и вработени во меѓународните деловни функции на претпријатијата;
  • Менаџери и вработени во одделите за човечки ресурси;
  • Менаџери и вработени кои ги дизајнираат организациските делови и култура и ги имплементираат организациските промени во претпријатијата;
  • Менаџери и вработени во доменот на менаџмент информационите системи во претпријатијата;
  • Претприемачи и сопственици на мали бизниси;
  • Тим-лидери и проект менаџери;
  • Консултанти за бизнис и менаџмент;
  • Директори, раководители или службеници во државни институции, државни агенции, општини и други јавни институции.

Анкетата спроведена помеѓу дипломираните студенти на департманот по Менаџмент во последните 5 години покажа дека тие релативно брзо наоѓат работа согласно своите квалификации. Имено, 79% од испитаниците одговориле дека успеале да најдат работа во рок од 6 месеци по завршувањето на студиите. Меѓу оние што дипломирале во последните 5 години веќе 12,5% се наоѓаат на некоја раководна позиција, а околу 5% се претприемачи – сопственици на свој бизнис.

70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.