Студиската програма по СМЕТКОВОДСТВО И РЕВИЗИЈА овозможува на студентите да се стекнат со продлабочени знаења од областа на сметководството и ревизијата и со специфични вештини за примена на ова знаење во практиката. За остварување на овие цели, студиската програма ги обработува теоретските аспекти на оваа област, фокусирајќи се и на нивната практична примена.

Како образовни цели кои студиската програма ги има поставено, се однеусваат пред се на обезбедување теоретска основа и практични вештини за осознавање и разбирање на барањата на комплексното и глобално сметководствено окружување. Студентите ќе се запознаат со основните принципи на организацијата, различните пристапи на менаџмент контролата и современите методи и техники за интерно известување за резултатите на управувачкото сметководство. Осознавање на природата, содржината и формата на екстерното известување и одговорноста на раководството пред сопствениците и останатите корисници на финансиски информации (државните и регулаторни органи, кредиторите, деловните партнери, вработените, невладини и непрофитни организации и тн.) е исто така клучна образовна цел предвидена со програмата.

Студиската програма по сметководство и ревизија им помага на студентите во разбирање на улогата на ревизорската професија во зголемување на кредибилитетот на финансиските извештаи на компаниите, државните претпријатија и институции, како и разбирање на нејзиниот придонес за подобрување на контролата и користењето на ресурсите. На крајот, оваа програма обезбедува и дополнителни знаења од областа на финансиите и финансирањето на претпријатијата, како и имплементацијата и користењето на компјутерски апликации за целите на екстерно и интерно известување.

Како посебни професионални цели кои програмата ги има поставено се однесуваат на:

  • Високо и специјализирано образование на кадар кој е заинтересиран за изградба на кариера во доменот на финансиското известување согласно барањата на МСФИ, ревизијата на финансиските извештаи на компаниите, интерната ревизија во банки и други финансиски и нефинансиски организации, државната ревизија, менаџмент, финансиски и даночен консалтинг, како и останати професионални сметководствени услуги.
  • Полесен пристап до членство во сметководствената и ревизорска професија во домашни и меѓународни рамки, преку компатибилност на програмата со барањата на меѓународните образовни стандарди.

Студиската програма е внимателно структуирана со цел да ги задоволи образовните потреби на дипломираните студенти, кои почнале или сакаат да започнат да изградат кариера во сметководствената и ревизорска професија. Студентите по завршување на студиите од прв циклус ќе се стекнат со знаење, вештини и компетенции, кои ќе им овозможат да се ангажираат и унапредуваат во повеќе кариерни дисциплини, како што се ревизија, финансиско сметководство и известување, сметководство на менаџментот, анализа на финансиски извештаи, финансиски менаџмент, сметководствени информациони системи и технологии итн. Целината од знаење која ја нуди студиската програма по сметководство и ревизија ќе ги подготви студентите за успешна кариера и ќе им овозможи да се ангажираат во приватниот и јавниот сектор како:

  • Врвни сметководители;
  • Екстерни и интерни ревизори;
  • Даночни експерти;
  • Финансиски аналитичари или финансиски директори;
  • Испитувачи на измами;
  • Стекнување на широк спектар од професионални звања.

Содржината на предметните програми е усогласена и структуирана според современите предизвици и потреби на општеството за создавање на сметководители и ревизори на иднината. Со стекнатите знаења и вештини, дипломираните студенти на оваа студиска програма ќе бидат во состојба да одговорат на актуелните барања на сметководствената и ревизорската професија, наметнати со забраната на дигитализација и примената на технологиите и вештачката интелегенција, кои во последниве години со енормно брзо темпо ја менуваат целината на знаења, потребни за членовите на професијата. По комплетирање на програмата, дипломираните студенти се стекнуваат со бројни предности, како што се поголеми можности за вработување во сметководствени и ревизорски фирми, флексибилност и слобода во избор на работно место, брз развој во кариерата и подобро платени позиции, каде што се бараат експерти со широки познавања од сметководство, финансии, ревизија, даноци и слично.

70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.