fbpx

Наслов на наставниот предмет

Финансиски пазари и институции

Код

FIN 210

Наставник

проф. д-р Михаил Петковски

Цели на предметната програма (компетенции):

По изучувањето на овој предмет, студентите треба да располагаат со следните области на знаења: 

  • Да ги разбираат суштината и практичното значење на основните принци на финансиите:максимизацијата на богатството,временската вредност на парите, конфликтот помеѓу ризикот и приносот, диверзификацијата како начин за намалување на ризикот, итн.
  • Да ги познаваат карактеристиките и видовите на различни финансиски инструменти (обврзници,акции,штедни влогови, заеми, финансиски деривати, итн.). Истовремено,да ги разбираат принципите на вреднување финансиските инструменти, односно основните фактори од кои зависи одлуката на инвеститорот во кој од поголемиот број финансиски инструменти ќе ги вложи своите пари. 
  • Да ги познаваат видовите и карактеристиките на финансиските пазари, нивните сличности и разлики, како и видовите финансиски инструменти кои се тргува на одделните пазари.
  • Да ги познаваат видовите и карактеристиките на различните финансиски институции, како и причините поради кои некои од нив (на пример банките) се пораспространети од другите.
  • Да ги познаваат основните прашања со кои во практиката се соочуваат финансиските менаџери и да се здобијат со способност да решаваат некои од основните проблеми со кои тие се судруваат за време на нивното работење на финансиските пазари.

Содржина на предметната програма: 

Изучувањето на материјата по овој предмет треба да им овозможи на студентите да ги запознааат основните принципи на функционирањето на финансиските пазари (пазари на пари,пазари на капитал,девизни пазари, итн.) и финансиските институции (банки,осигурителни компании, пензиони фондови, инвестициони фондови, итн.) кои претставуваат извонредно важен дел од секоја национална економија, како и на светската економија во целина. Финансиските пазари и институции не само што влијаат на нашиот секојдневен живот, туку исто така се занимаваат со трансфер на големи износи на средства кои потоа влијаат на профитите на фирмите, производството на стоки и услуги и на економската благосостојба на нашата и странските економии. Во последните десетина години се случија фундаментални, револуционерни промени на финансиските пазари и институции во светски рамки. На свој начин, низ драматични промени минаа и македонските финансиски пазари и институции. Овој предмет ќе ги запознае студентите со главните насоки и содржината на тие промени. Но со оглед на тоа што e извесно дека интензитетот на промените нема да се намали во иднина, тој е фокусиран кон тоа да им обезбеди на студентите такви знаења и аналитички орудија,кои ќе им бидат потребни да ги разберат финансиските иновации што  сигурно ќе се случат кога тие професионално ќе се занимаваат со финансискиот бизнис. Усвојувањето на знаењата од овој предмет претставува основа за натамошно усовршување на студентите кои очекуваат и посакуваат да се здобијат со работни места во широка група атрактивни области какви што се банкарството, финансиските институции воопшто, финансиите на корпорациите, државните институции и во мултинационалните деловни активности.

70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.