Европски економски студии

Раководител: проф. д-р Елена М. Дисоска

Секретар: проф. д-р Катерина Т. Трпчевска

Одделение за студентски прашања: 02/3286-829

Цел на студиската програма од вториот циклус студии од областа на Европски економски студии е да им овозможи на студентите да се стекнат со продлабочени знаења од областа на европските економски студии и со специфични вештини за примена на ова знаење во практиката. За остварување на овие цели студиската програма ги обработува теоретските аспекти на оваа област, фокусирајќи се и на нивната практична примена.

Република Северна Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Нашата земја има обврска да ги исполни Копенхагеншките критериуми, што вклучуваат постоење и функционирање на пазарна економија што треба да се справи со притисокот на пазарот и правилата на европската економија, односно да биде во можност да се справи со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили внатре во Унијата. Дополнително, секоја земја кандидат треба да биде способна да создаде услови за приспособување на националната административна структура кон механизмите што функционираат во јавната администрација на ЕУ. Оттука, процесот на европска интеграција е тежок и проследен со големи реформи поврзани со целото општество, не само со реформи на јавните или државните институции. Сите реформи, поддржани во претпристапниот период, се проследени со соодветна претпристапна помош и фондови од ЕУ.

Отпочнувањето на процесот на преговори за членство во Европската унија за Република Северна Македонија ќе значи окончување на процесот на приближување кон Унијата, усвојување на нејзините придобивки и вредности, како и целосно приспособување на македонските институции кон функционирањето на институциите на Унијата. Преговорите, како обемен потфат кој се одвива со брза динамика, наложуваат целосна подготвеност на државните органи и институции и на структурите воспоставени за координација и подготовки пред започнувањето на самите преговори.

Знаења, способности и вештини што ги нуди студиската програма Европски економски студии се неопходни за сите оние кои се ангажирани во институциите од јавниот сектор во кои се дизајнираат и реализираат макроекономските политики, односно структурните реформи насочени кон приближување на стапките на економски раст на европските економии. Паралелно со тоа се јавува и потреба за научно-стручна и независна анализа и евалуација на спроведените економски политики и реформи, со цел предлагање мерки за поефикасно и поефективно спроведување на истите.

Студиската програма по Европски економски студии е структурирана на начин што овозможува стекнување знаења и квалификации од пошироката област на Меѓународни економски односи. По завршувањето на студиите од вториот циклус по Европски економски студии, студентите ќе се стекнат со знаење, вештини и компетенции кои ќе им овозможат: разбирање на процесите на регионално интегрирање, анализа и разбирање на заедничките политики на Европската унија, способност за проценка на потребните реформски чекори во земјата за стекнување на статусот полноправна членка на ЕУ како и способност за препознавање на можностите за подигнување на конкурентноста на домашните компании за настап на Внатрешниот европски пазар.

Целината на знаења што ја нуди студиската програма по Европски економски студии ќе ги подготви студентите за успешна кариера и ќе им овозможи да се ангажираат во јавниот сектор и во приватниот деловен сектор. Во јавниот сектор: Владата на Република Северна Македонија (Секретаријатот за европски прашања); одделните сектори задолжени за процесот на економска интеграција во сите одделни министерства: финансии, економија, социјална политика, екологија; централната банка (НБРСМ), и др. Во приватниот сектор: банки и други финансиски институции, приватни трговски друштва од различни сектори; високо-образовни и научно- истражувачки институции, невладини организации.

Според кадровската профилираност, магистрантите од оваа студиска програма ќе стекнат способности и квалификации за анализа и евалуација на: стратегиите и политиките на Европската унија; монетарната и фискалната политика и нивната координација; правото на ЕУ и институциите на ЕУ заради потребата од хармонизација на националната регулатива и практика на Република Македонија со европските стандарди; политиките на пазарот на трудот и социјалните политики во ЕУ, политиките на заштита на конкуренцијата на ЕУ, економските ефекти на процесите на дигитализација, политиките на заштита на животната средина на ЕУ и нивното усогласување со домашното законодавство.

Цел на студиската програма од вториот циклус студии од областа на Европски студии е да им овозможи на студентите да се стекнат со продлабочени знаења од областа на европските студии и со специфични вештини за примена на ова знаење во практиката. За остварување на овие цели студиската програма ги обработува теоретските аспекти на оваа област, фокусирајќи се и на нивната практична примена.

Со усвојувањето на сознанијата на оваа студиска програма, се очекува студентoт да ги демонстрира следниве знаења, способности и вештини:

Знаење и разбирање:

  • Покажува знаење и разбирање за актуелните аспекти на процесот на регионално интегрирање, со посебен акцент на процесите во рамките на Европската унија.
  • Покажува знаење и разбирање за актуелните аспекти на заедничките политики на Европската унија.
  • Покажува знаење за практиката, политиките и регулативата на Европската унија заради потребата од хармонизација на националната регулатива и практика на Република Северна Македонија со еврoпското законодавство.
  • Покажува знаење за европското бизнис окружување и начините за подигање на конкурентноста на нашите фирми на европскиот пазар преку избор на соодветна стратегија, компатибилна со современата меѓународна бизнис практика.

 Примена на знаењето и разбирањето:

  • Успешно ги интерпретира случувањата во процесите на регионално интегрирање, особено во рамките на Европската унија;
  • Ги користи знаењата за заземање критички став за предностите и слабостите на заедничките политики на Европската унија;
  • Професионално ги користи знаењата за преземање на потребните реформи што треба да се спроведат во земјата заради стекнување на статусот на полноправна членка на ЕУ;
  • Ги применува знаењата за европското бизнис окружување во насока на подигнување на конкурентноста на домашните компании за настап на Внатрешниот европски пазар.

Способност за проценка:

  • Покажува способност за изведување заклучок или мислење за предностите и недостатоците на процесот на регионално интегрирање;
  • Покажува способност за прибирање, анализирање, оценка и презентирање информации за поважните заеднички политики на Европската унија и за предложените решенија во нивни рамки;
  • Демонстрира способност за проценка на потребните реформски чекори во земјата за стекнување на статусот на полноправна членка на ЕУ;
  • Покажува способност за препознавање на можностите за подигнување на конкурентноста на домашните компании за настап на Внатрешниот европски пазар.

Комуникациски вештини

  • Поседува способност за професионална комуникација со други професионалци од соодветната област, како и со претставници на институциите на системот;
  • Покажува способност да функционира ефикасно како дел од професионален тим ангажиран на проекти во врска со евроинтеграциските процеси;
  • Покажува способност за независно учество во научни и професионални дискусии, како и учество во научно-истражувачки проекти;
  • Поседува критички способности за предлагање мерки и решенија во врска со измените на условите во европското бизнис окружување.

Вештини на учење:

  • Поседува способност за анализирање, разбирање, меморирање и истражување на содржини од областа на Евроинтеграциите;
  • Поседува способност за правилно организирање и користење на времето;
  • Поседува способност за критичка анализа и генерирање на идеи во насока на решавање проблеми од секојдневната практика;
  • Покажува интерес за континуирана едукација и професионален развој на повисоки образовни нивоа.

Квалификација која се стекнува:

Магистер по Европски студии.

75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.