Маркетинг

Раководител: проф. д-р Ежени Брзовска

Секретар: проф. д-р Николина П. Стерјадовска

Оделение за студентски прашања: 02/3286-829

Цели на студиската програма:

  • Студентите да се здобијат со продлабочени знаења за теоретските аспекти, стратегиите и практичната примена на маркетингот.
  • Студентите да се здобијат со способности и вештини за продлабочена анализа и имплементација на соодветните стратегии од областа на маркетингот.

Денешното пазарно окружување се менува со интезивна динамика. Глобализацијата, новите информациони технологии, новите канали на дистрибуцијата и комуникацијата се само дел од промените со кои се менува перспективата на маркетингот.  Барањата и очекувањата на потрошувачите забрзано се менуваат, како резултат на зголемениот пристап до информации врз основа на кои ги носат своите одлуки за купување. За да ги задоволат и надминат барањата на потрошувачите, компаниите треба да ангажираат профилирани кадри со веќе стекнати знаења од областа на маркетингот.

 

Студиската програма на втор циклус студии – Maркетинг е дизајнирана да им овозможи на студентите да ги трансформираат пазарните можности и предизвици во конкурентски предности за дадени институции.

Тоа ја потенцира важноста на студиската програма за втор циклус студии од областа на маркетингот, која нуди соодветни знаења, способности и вештини од oбласта на маркетингот кои се компатибилни со модерните пазарни предизвици. Ваквите знаења, способности и вештини се суштински за сите оние кои се вклучениво  дизајнирање на нови производи, спроведување маркетинг- истражување на пазарот и аналитика на социјални медиуми, планирање и реализација на маркетинг-комуникациски активности, креирање маркетинг стратегии во институциите од приватниот и јавниот сектор. Со стекнатите знаења и вештини, студентите ќе може да придонесат во реализирање на своите професионални цели. Во оваа насока, наставниот кадар на студиската програма Маркетинг на втор циклус студии е посветен на обезбедување континуирана поддршка на барањата на запишаните студенти со цел полесно совладување на академските предизвици.

Студиската програма по Маркетинг е структурирана на начин што овозможува стекнување знаења и квалификации од пошироката област на маркетингот. По завршувањето на студиите од втор циклус по Маркетинг, студентите ќе се стекнат со знаење, вештини и компетенции кои ќе им овозможат да се ангажираат и унапредуваат во повеќе кариерни дисциплини: рекламирање и комуникации, развој на производи, дигитален маркетинг, иновации, стратегиски маркетинг, маркетинг-истражување, бренд-маркетинг итн.

Целината на знаења која ја нуди студиската програма по маркетинг ќе ги подготви студентите за успешна кариера и ќе им овозможи да се ангажираат во јавниот сектор и во приватниот деловен сектор. Со оглед на актуелноста и застапеноста на маркетингот, студентите ќе може да дадат свој придонес почнувајќи од мали и средни компании, големи корпорации и странски застапништва, банки и други финансиски институции, маркетинг агенции, агенции за истражување на пазарот и сл. Со нивната стручна подготвеност од областа на маркетингот, профилираните студенти ќе може да дадат свој придонес и во високо-образовните и научно-истражувачките институции.

Според кадровската профилираност, магистрантите од оваа студиска програма ќе стекнат способности и квалификации за: креирање на стратегија за настап на пазарот, развој на иновативни иницијативи и нови производи, примена на квалитативни и квантитативни методи за маркетинг-истражување,  презентирање и интерпретирање на резултатите обезбедени од маркетинг истражувањето, планирање на маркетинг-комуникациските активности,  интерпретирање на резултатите обезбедени од анализата на податоците од социјалните медиуми, развивање на маркетинг-стратегија односно  дигитална маркетинг-стратегија, анализа на меѓународното окружување, развој на ефективни политики на цени итн.

Студиската програма на втор циклус студии – Маркетинг е во траење од 2 семестрa и вклучува изработка и на магистерски труд.

Структурата на предметите е следната:

  • три задолжителни предмети утврдени со студиската програма според семестри на студирање
  • три изборни предмети утврдени со студиската програма според семестри на студирање и
  • еден изборен предмет од листата на предмети утврдени од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Бројот на часовите за редовна настава и менторска настава се определува според бројот на пријавените студенти.
Студентот на втор циклус на студии може да пријави тези и тема  за  магистерски труд со образложение, откако ќе оствари 44 кредити со положување на  испитите на студиумот на кој што е запишан. Магистерскиот труд носи 16 ЕКТС. За добивање звање магистер, студентот треба да оствари 60 ЕКТС согласно Законот за високо образование. По завршувањето на студиската програма студентот се стекнува со звањето: магистер по економски науки  од областа на Маркетингот.

ЦЕЛИ

Цел на студиската програма од вториот циклус студии од областа на МАРКЕТИНГ е да им овозможи на студентите да се стекнат со продлабочени знаења од областа на маркетингот и со специфични вештини за примена на ова знаење во практиката. За остварување на овие цели студиската програма ги обработува теоретските аспекти на оваа област, фокусирајќи се и на нивната практична примена.
Со усвојувањето на сознанијата на оваа студиска програма, се очекува студентoт да ги демонстрира следниве знаења, способности и вештини:

Знаење и разбирање:

  • Демонстрира знаење за маркетинг-концепцијата и нејзиното значење во работењето на современите бизниси.
  • Покажува знаење за специфичните типови на потрошувачи и факторите кои што влијаат врз нивното однесување.
  • Покажува знаење за различните методи кои се користат во маркетинг-истражувањето и примена на добиените резултати во работењето на компанијата.
  • Демонстрира знаење за одделните елементи на маркетинг планот и различните стратегии кои се користат за успешно водење на бизнисот.

Примена на знаењето и разбирањето:

  • Способен е за самостојно донесување одлуки во врска со производот, цената, дистрибуцијата и промоцијата како клучни аспекти од работењето на секоја компанија.
  • Самостојно развива маркетинг-истражувачки проект, применувајќи ги знаењата за одделните фази од процесот на маркетинг-истражување.
  • Самостојно ги анализира одделните маркетинг-инструменти и однесувањето на потрошувачите.
  • Способен е да развие маркетинг-план и да предложи соодветни маркетинг-стратегии, согласно добиените резултати од истражувањето.

Способност за проценка:

  • Покажува способност за оценка и избор на научни теории, методологии и алатки во подрачјето на маркетингот.
  • Покажува способност за критичка оцена и споредба на маркетинг-тенденциите во земјата и во светот.
  • Демонстрира способност за идентификување и прибирање на релевантни податоци, нивна анализа и интерпретација. 

Комуникациски вештини:

  • Поседува способност за самостојно учество во научни дискусии и за успешно комуницирање во професионален тим. 
  • Успешно ги применува принципите и кодексите на професионалното деловно комуницирање.
  • Поседува разбирање на психолошките процеси врз основа на кои се базира однесувањето на потрошувачите, како и човековото однесување генерално. 

Вештини на учење:

  • Поседува развиени вештини за учење – читање, пишување, критичка анализа, интерактивно учество, набљудување.
  • Демонстрира способност за критичка оцена на презентираните идеи, нуди оригинални решенија и успешно се справува со секоја поставена задача.
  • Покажува способност за независно идентификување на своите лични потреби и интерес за континуирана едукација и професионален развој.

Понатамошни студии

Студентите можат да се запишат на докторски студии кои се организираат од страна на Економскиот факултет во Скопје, или на меѓународни универзитети во странство.

75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.