Економија – студиска програма 2017/2018

Прв циклус студии · Департман Економија

4 години8 семестри
19задолжителни предмети
94понудени изборни предмети
8ЕКТС кредити по предмет

Општо за профилот. Дипломираниот економист на департманот по Економија е оспособен да ги анализира и разбере клучните микроекономски и макроекономски феномени и процеси и да ги оценува алтернативните решенија за основните економски проблеми на алокација на ресурсите, со кои се соочуваат како поединечните економски субјекти, така и вкупната економија како целина.

Специфични компетенции. Дипломираните економисти на департманот по Економија се оспособуваат да вршат економски анализи и да работат на решавање практични економски проблеми во различни форми на претпријатија и деловни организации, приватни и јавни, и во државни институции, односно:

  • државни и други институции и државна администрација (парламент, влада, министерства за финансии, економија и сл., локални самоуправи, управа на јавни приходи, агенција за регионален развој и сл.);
  • регулаторни институции од областа на економската и општествената регулација;
  • централната банка, комерцијални банки и други финансиски институции;
  • дипломатско-конзуларни претставништва на државата во странство;
  • берзи на хартии од вредност;
  • меѓународни организации (нивни претставништва во нашата земја или во други земји);
  • научни и образовни институции (универзитети, факултети, истражувачки институти, средни економски и трговски училишта и сл.);
  • јавни претпријатија во инфраструктурните дејности (електростопанство, пошта, железница, комунални дејности), во образованието, здравството и сл.;
  • приватни претпријатија: мали претприемнички фирми, средни фирми и големи акционерски друштва и сл.

Општи и специфични дескриптори на квалификацијата. Со усвојувањето на сознанијата на оваа студиска програма, се очекува студентот да ги демонстрира следниве знаења, способности и вештини:

1Знаење и разбирање

  • Студентите ќе се оспособат да ги анализираат основните макроекономски агрегати и да ја утврдат нивната меѓусебна динамичка меѓузависност;
  • Студентите ќе се стекнат со знаење и вештини за современа микроекономска анализа на поединечни бизниси и различни пазарни структури во кои дејствуваат бизнисите;
  • Студентите ќе се оспособат критички да ја анализираат компатибилноста, ефикасноста и импликациите од економските политики и нивните инструменти;
  • Студентите ќе се стекнат со знаење и вештини да ги анализираат современите економски процеси во националните економии, регионалните економски интеграции и светската економија.

2Примена на знаењето и разбирањето

  • Да се дијагностицираат пазарните случувања, да се предвидат тенденциите на тие случувања и да се анализираат ефектите на економските политики врз микроекономските агенти и врз пазарните движења;
  • Да се пресметаат основните макроекономски агрегати и биланси и критички да се анализираат постојните макроекономски политики;
  • Да се направи критичка анализа на институционалната структура на економскиот систем и мотивите и поттиците кои тој ги креира за економските субјекти;
  • Да се применат квантитативните методи на макроекономската и микроекономската анализа во формулирање на нови пристапи и во анализата на постојните модели на економски раст во националните економии;
  • Да се даде критичка анализа на развојните економски политики и нивната примена во националното стопанство;
  • Да се анализираат општите процеси на економскиот развој во светот (посебно процесите на регионализација и глобализација на светските економски текови) и нивното влијание врз националната економија.

3Способност за проценка

  • Способност за набљудување и разбирање на економските движења и процеси, како и идентификување и прибирање на релевантни примарни и секундарни податоци, неопходни за анализирање на економските појави и процеси;
  • Способност за оценка на теоретски знаења и избор на аналитички методологии и алатки во клучните подрачја на економската наука;
  • Способност за анализа и интерпретација на податоците и информациите за определени економски движења и промени и нивна примена за решавање на определени економски проблеми.

4Комуникациски вештини

  • Соодветна професионална комуникација за воспоставување соработка и презентирање на резултатите од спроведените анализи и истражувања;
  • Способност за независно учество во научни дискусии, иницирање и водење истражувачки активности, тимска работа, критичко размислување, почитување на спротивните ставови и активно слушање на соговорникот;
  • Успешна примена на принципите и кодексите на професионалното деловно комуницирање.

5Вештини на учење

  • Развивање вештини за учење, интерактивна дебата, набљудување, базични истражувања и анализи;
  • Вештини за критичко оценување на соодветноста на методите на учење, како и на нивното влијание врз стекнувањето знаења, вештини, компетентност и примена на знаењата во практика;
  • Способност за идентификување на сопствените потреби за континуирана едукација и професионален развој (последипломски, докторски студии) во областа на микроекономијата и макроекономијата и преземање иницијатива за стекнување со нови знаења и вештини.