fbpx

Јунус центар за социјални бизниси

Центарот за социјални бизниси под името Yunus е истражувачки хаб за социјални бизниси основан од професорот Мухамед Јунус, добитник на Нобеловата награда за мир во 2006 година. Центарот ги следи принципите и упатствата на професорот Јунус и се обидува да ја унапреди улогата на социјалниот бизнис во решавањето на најитните проблеми во општеството поврзани со сиромаштијата, нееднаквоста, невработеноста, општествената инклузија, деградацијата на животната средина, како и унапредување на општествената благосостојба и квалитетот на живот на одржлив и ефективен начин.

Јунус центарот за социјални бизниси на Економски факултет – Скопје претставува дел од мрежата на Центри за социјални бизниси под името Yunus кои функционираат во повеќе од 80 универзитети ширум светот. Ваквите центри се формираат исклучиво во рамките на универзитетите, поради што посебен простор се обезбедува за извршување на нивните активности. Студентите најчесто се инволвираат и волонтерски учествуваат во активностите на центрите.

Целта на новоформираниот Центар за социјални бизниси Yunus во рамките на Економскиот факултет при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” во Скопје е да се развијат и реализираат: акциони програми за социјални бизниси, курсеви, обуки, семинари, конференции, истражувања, публикации, лаборатории за социјален бизнис, инкубатори, акцелераторски програми, програми за размена, посети, стажирање и програми за стипендии.

Јунус центарот за социјални бизниси им овозможува на академскиот кадар, студентите и луѓето од бизнис, јавниот и невладиниот сектор да споделуваат знаења и искуства поврзани со концептот на социјалниот бизнис, како и да го промовираат концептот низ различни универзитети и региони. Центарот, исто така, претставува место за различни видови на волонтерска и практикантска работа преку кој студентите дознаваат и учат за социјалниот бизнис а ќе можат да реализираат претприемачки идеи кои иницијални ги работеле на предметните програми на Факултетот.

70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.