Известување: Продолжување на наставата на Економски факултет - Скопје по електронски пат

ИЗВЕСТУВАЊЕ

за студентите на УКИМ, Економски факултет – Скопје

Почитувани студенти,

Имaјќи ги предвид предлозите на Министерството за здравство и заклучоците и одлуките донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија, а кои се поврзани со состојбата предизвикана од страна на вирусот COVID-19, Економскиот факултет – Скопје, во изминатите денови интензивно работеше на тестирање на соодветни апликации кои ќе ни овозможат продолжување и реализирање на наставно-образовниот процес на Економскиот факултет – Скопје, по електронски пат.

Реализирањето на наставно – образовниот процес по електронски пат, во состојба која не може да се предвиди колку долго ќе трае прекинот на класичната настава, претставува единствено решение за кое сме сигурни дека ќе овозможи, вие драги студенти, да се стекнете со потребните и соодветни знаења и вештини од предметите од прв, втор или трет циклус на студии, а кои ги имате запишано во летниот семестар во учебната 2019/2020 година.

Наставно – образовниот процес по електронски пат, ќе се реализира преку користење на апликацијата Google Hangout meet која е потребно да биде инсталирана на вашиот мобилен телефон или пак да пристапите кон неа преку Google Chrome од вашиот компјутер. Користењето на оваа апликација е прилично едноставно и лесно и овозможува истовремена двонасочна аудио и видео комуникација помеѓу студентите и наставникот. Подетално упатство за пристапувањето и користењето на оваа апликација во реализирање на наставата е објавено на веб-страна на Факултетот.

Електронската настава ќе започне на ден 20.3.2020, а распоредот и времето во кое ќе се реализира наставата по одделни предмети ќе биде идентичен со веќе изготвениот распоред за одржување на настава по предметите на прв, втор и трет циклус студии во летниот семестар во учебната 2019/2020 година. Електронската настава ќе се спроведува според постојниот распоред, со тоа што, покрај предметот ќе стои линк до апликацијата Google Hangout meet, преку кој ќе може да пристапите на предавањата. За секој предмет ќе има посебен линк.

Во рамки на реализацијата на наставно-образовниот процес по електронски пат, се предвидува и одбрана на веќе закажаните дипломските трудови, магистерски трудови и докторски дисертации, а кои беа одложени поради препораките на Владата на РСМ. Спроведување на одбраната по електронски пат ќе се врши со истата апликација. После 20.3.2020 година, ќе исконтактирате со Вашите ментори кои заедно со службите на факултетот ќе ја закажат и ќе ја организираат одбраната.

Дополнително, сакам да ве информирам дека, колоквиумската недела во која ќе се спроведе првиот колоквиум од континуираното оценување ќе биде одложена за две недели, а доколку Владата на Република Северна Македонија го пролонгира рокот за примена на заштитните мерки и после тие две недели, во тој случај роковите за одржување на првиот колоквиум дополнително ќе се утврдат, за што ќе бидете известени минимум една недела пред отпочнување на колоквиумската недела.

За сите дополнителни и нови информации следете ги редовно објавите прикачени на веб-страната и на Facebook страната на Економскиот факултет – Скопје.

Ви благодариме на разбирањето и Ве повикуваме заедно да придонесеме во зачувување на јавното здравје!

 

ДЕКАН

проф. д-р Предраг Трпески

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Економски факултет-Скопје

70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.