Департман економија

Целта на студиската програма е да оформи профил на современ дипломиран економист, кој ќе поседува знаења од микроекономската и макроекономската теорија и способности за микроекономска и макроекономска анализа. Современите пазарни економии бараат продлабочени знаења за објаснување на микроекономските и макроекономските појави и процеси, а водењето на економските политики на државата бараат способности за емпириска економска анализа, врз база на која се формулираат макроекономските и микроекономските политики.

Студиската програма за прв циклус студии од Економија е структурирана со цел да им овозможи на студентите да се стекнат со знаења, способности и компетенции за разбирање и анализа на економските појави и процеси. Тие економски појави и процеси се однесуваат на микроекономско ниво, односно на ниво на поединечни фирми, на ниво на поединечни пазари на добра и услуги и на пазари на фактори на производство; но исто така, опфатени се појавите и процесите на макроекономско ниво, т.е динамиката на макроекономските агрегати и функционирањето на макроекономските политики на ниво на целокупната македонска економија, дополнето со одредени аспекти на функционирањето на глобалната економија. Врз основа на ваквите знаења, целта е да се оспособат студентите да можат на стручен и креативен начин да ги анализираат, дискутираат и оценуваат алтернативните пристапи во дизајнирањето на микроекономските и макроекономските политики на државата.

Студиска програма на прв циклус студии по Економија е структурирана на начин кој овозможува истата да биде во согласност со потребите и барањата на три групи на заинтерсирани општествени субјекти во рамките на македонската економија.

Најпрво, тоа се потребите на фирмите во производниот сектор на економијата. Фирмите имаат потреба од стручни кадри кои имаат знаења и компетенции за економска анализа на побарувачката, понудата и цените на пазарите на добра и услуги, но и на пазарите на производните фактори (трудот, капиталот, знаењето и иновациите). Во оваа група субјекти спаѓаат: големи, средни и мали претпријатија во приватниот сектор, јавни претпријатија, финансиски институции, стопански комори и сл.

Потоа, тука се потребите на државните институции кои ги формулираат и имплементираат економските политики. Овие институции имаат потреба од стручни кадри кои имаат знаења како за современата економска теорија, така и за изработка на емпириски економски анализи, базирани на современи методологии на квантитативна и квалитативна анализа. Ваквите теоретски и применети знаења и квалификации се неопходни за разбирање на процесите во реалната економија и за избор и формулирање соодветни микроекономски и макроекономски политики, со цел обезбедување услови за забрзан економски раст и долгорочен одржлив развој на македонската економија. Во оваа група на заинтересирани општествени субјекти спаѓаат: Народна банка на РСМ, Министерството за финансии на РСМ, Министерството за економија на РСМ, Владата на РСМ, потоа различни регулаторни институции (Комисијата за заштита на конкуренцијата, Регулаторна комисија за енергетика, Агенција за електронски комуникации и сл.)

Исто така, научно-истражувачки институции, институти и организации, имаат потреба од дипломирани економисти за работни позиции како што се: асистенти на факултетите, научно-стручни соработници и истражувачи. Во овој контекст, студентите од департманот економија можат са вклучат во работа на научно-истражувачки проекти со кои се анализираат различни прашања поврзани со функционирањето на производниот сектор, финансискиот сектор; се оценуваат пристапите, мерките и ефектите на економските политики и институционалните реформи во економскиот, социјалниот и политичкиот систем, насочени кон обезбедување економски раст и развој и сл. 

ОПШТО ЗА ПРОФИЛОТ: ДИПЛОМИРАНИОТ ЕКОНОМИСТ НА ДЕПАРТМАНОТ ПО ЕКОНОМИЈА Дипломираниот економист на департманот по Економија е оспособен да ги анализира и разбере клучните микроекономски и макроекономски феномени и процеси и да ги оценува алтернативни решенија за основните економски проблеми на алокација на ресурсите, со кои се соочуваат како поединечните економски субјекти, така и вкупната економија како целина. СПЕЦИФИЧНИ КОМПЕТЕНЦИИ Дипломираните економисти на департманот по Економија се оспособуваат да вршат економски анализи и да работат на решавање практични економски проблеми во различни форми на претпријатија и деловни организации, приватни и јавни, и во државни институции, односно:
  • државни и други институции и државна администрација (парламент, влада, министерства за финансии, економија и сл., локални самоуправи, управа на јавни приходи, агенција за регионален развој и сл.);
  • регулаторни институции од областа на економската и општествената регулација;
  • централната банка, комерцијални банки и други финансиски институции;
  • дипломатско-конзуларни претставништва на државата во странство;
  • берзи на хартии од вредност;
  • меѓународни организации (нивни претставништва во нашата земја или во други земји);
  • научни и образовни институции (универзитети, факултети, истражувачки институти, средни економски и трговски училишта и сл.);
  • јавни претпријатија во инфраструктурните дејности (електростопанство, пошта, железница, комунални дејности), во образованието, здравството и сл.;
  • приватни претпријатија: мали претприемнички фирми, средни фирми и големи акционерски друштва и сл.
ОПШТИ И СПЕЦИФИЧНИ ДЕСКРИПТОРИ НА КВАЛИФИКАЦИЈАТА Со усвојувањето на сознанијата на оваа студиска програма, се очекува студентoт да ги демонстрира следниве знаења, способности и вештини: 1) Знаење и разбирање:
  • Студентите ќе се оспособат да ги анализираат основните макроекономски агрегати и да ја утврдат нивната меѓусебна динамичка меѓузависност;
  • Студентите ќе се стекнат со знаење и вештини за современа микроекономска анализа на поединечни бизниси и различни пазарни структури во кои дејствуваат бизнисите;
  • Студентите ќе се оспособат критички да ја анализираат компатибилноста, ефикасноста и импликациите од економските политики и нивните инструменти;
  • Студентите ќе се стекнат со знаење и вештини да ги анализираат современите економски процеси во националните економии, регионалните економски интеграции и светската економија.
2)  Примена на знаењето и разбирањето:
  • Да се дијагностицираат пазарните случувања, да се предвидат тенденциите на тие случувања и да се анализираат ефектите на економските политики врз микроекономските агенти и врз пазарните движења;
  • Да се пресметаат основните макроекономски агрегати и биланси и критички да се анализараат постојните макроекономски политики;
  • Да се направи критичка анализа на институционалната структура на економскиот систем и мотивите и поттиците кои тој ги креира за економските субјекти;
  • Да се применат квантитативните методи на макроекономската и микроекономската анализа во формулирање на нови пристапи и во анализата на постојните модели на економски раст во националните економии;
  • Да се даде критичка анализа на развојните економски политики и нивната примена во националното стопанство;
  • Да се анализираат општите процеси на економскиот развој во светот (посебно процесите на регионализација и глобализација на светските економски текови) и нивното влијание врз националната економија.
3)  Способност за проценка:
  • Способност за набљудување и разбирање на економските движења и процеси, како и идентификување и прибирање на релевантни примарни и секундарни податоци, неопходни за анализирање на економските појави и процеси;
  • Способност за оценка на теоретски знаења и избор на аналитички методологии и алатки во клучните подрачја на економската наука;
  • Способност за анализа и интерпретација на податоците и информациите за определени економски движења и промени и нивна примена за решавање на определени економски проблеми.
4) Комуникациски вештини:
  • Соодветна професионална комуникација за воспоставување соработка и презентирање на резултатите од спроведените анализи и истражувања;
  • Способност за независно учество во научни дискусии, иницирање и водење истражувачки активности, тимска работа, критичко размислување, почитување на спротивните ставови и активно слушање на соговорникот;
  • Успешна примена на принципите и кодексите на професионалното деловно комуницирање.
5) Вештини на учење:
  • Развивање вештини за учење, интерактивна дебата, набљудување, базични истражувања и анализи.
  • Вештини за критичко оценување на соодветноста на методите на учење, како и на нивното влијание врз стекнувањето знаења, вештини, компетентност и примена на знаењата во практика;
  • Способност за идентификување на сопствените потреби за континуирана едукација и професионален развој (последипломски, докторски студии) во областа на микроекономијата и макроекономијата и преземање иницијатива за стекнува со нови знаење и вештини.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.