Е-бизнис менаџмент - едногодишни

Раководител: проф. д-р Лидија Пулевска-Ивановска

Секретар: проф. д-р Марина Мијоска Белшоска

Оделение за студентски прашања: 02/3286-829

  Мисијата на студиската програма по Е-бизнис менаџмент е едуцирање на високо-образовни стручни кадри кои ќе ги следат и применуваат технолошките иновации и ИКТ во економијата и бизнисот, како и оспособување на професионалци од областа на е-бизнисот за управување и решавање на истражувачки и апликативни проблеми во е-бизнис окружување. Трендовите на функционирање на модерното бизнис окружување и неговите потреби создаваат потреба од нови дигитални вештини, кои ќе се развијат врз основа на користењето на информациско-комуникациските технологии. Дигиталната трансформација на организациите става акцент на е-бизнисот, при што е потребен високо-обучен кадар од оваа област на стратешко ниво за успешно функционирање.

  Студиската програма од втор циклус студии по Е-бизнис менаџмент која се предлага со овој елаборат има за цел да им овозможи на студентите стекнување на специјализирани знаења и вештини од областа на е-бизнисот и развој на аналитички и менаџерски способности неопходни за успешно управување на претпријатијата во глобално дигитализирано окружување. Преку трансфер на искуства за современите светски практики на водење на е-бизнис, студентите на академските магистерски студии по Е-бизнис менаџмент ќе бидат оспособени успешно да управуваат конкурентни претпријатија од приватниот и од јавниот сектор во услови на интензивно користење на ИКТ.

Подготовката на студиската програма е базирана на детална анализа на пазарните индикатори, како и потребите на општеството на локално ниво и глобално ниво. Студиската програма е структуирана со цел да овозможи стекнување на релевантни знаења, вештини и квалификации од пошироката област на е-бизнисот, како и да овозможи висока специјализација на кадри според потребите на пазарот. Имплементацијата на е-бизнис решенија на пазарот покажува значителен раст, особено во последните неколку години преку настани на светско ниво кои ја поттикнаа потребата за забрзана дигитална трансформација на организациите.

Преку студиската програма ќе се овозможи продлабочување на постоечките знаења на студентите од областа на е-бизнисот, како и квалификување за новите работни места на пазарот базирани на бизнис ИКТ технологии, преку стекнување на нови компетенции и специфични вештини. Трендот на раст на е-бизнисот се очекува да продолжи со стабилен раст во иднина, при што побарувачката за овие кадри се очекува да се зголеми.

Со комплетирањето на студиската програма, магистрираните студенти уживат голем број на предности на пазарот на труд, базирајќи се на нивната специјализација за ново и модерно поле, кое ќе им овозможи и понатамошен развој во кариерата.

Услови за запишување и напредување на студиите

На студиската програма по Е-бизнис менаџмент можат да се запишат студенти кои завршиле четворогодишни додипломски студии или завршиле студиска програма од прв циклус студии според ЕКТС со вкупен број на 240 кредити.

На студиската програма можат да се запишат студенти од било која област бидејќи е-бизнис моделите кои се предмет на изучување на студиите се користат во сите области на општеството и економијата.

По завршувањето на предвидените активности, се добива диплома Магистер по економски науки од областа на е-бизнис менаџмент.

Компетентност за работни места

  • работни места во областа на бизнисот и на економијата кои базираат на поинтензивно користење на ИКТ (информациско-комуникациски технологии);
  • менаџери на компании коишто интензивно користат веб базирани технологии во контактите со добавувачите, купувачите, финансиските институции и јавниот сектор;
  • менаџери кои организираат дизајнирање и развој на веб базирани информациски системи во големи, средни и мали претпријатија;
  • работни места во јавниот сектор кои користат веб базирани услуги кон граѓаните и компаниите;
  • работни места во компании за дизајнирање и користење на веб базирани технологии;
  • маркетинг менаџери кои развиваат маркетинг стратегии преку интернет и други безжични технологии;
  • менаџери на дигитални претпријатија;
  • вршење на консултантски услуги поврзани со дизајнирање и имплементација на е-бизнис решенија во приватниот и јавниот сектор.

Општи и специфични компетенции

Преку континуиран трансфер на современи и продлабочени знаења за примената на новите информациско-комуникациски технологии во деловното работење, студентите по завршувањето на студиската програма од втор циклус студии по Е-бизнис менаџмент ќе се стекнат со следните генерички (општи) компетенции:

  • Способност за работа во интердисциплинарни тимови во организации во глобално и мултикултурно окружување;
  • Способност за анализа, синтеза и критичка евалуација на факти и решавање на бизнис проблеми;
  • Способност за поврзување на теоретските знаења со нивна практична примена;
  • Способност за креативност и иновативност при создавање на нови идеи и решенија;
  • Способност за донесување на квалитетни бизнис одлуки.

Студентите ќе се стекнат и со следниве специфични компетенции:

  • Стекнување продлабочени знаења за современите светски практики на менаџирање на е-бизнис;
  • Способност за препознавање на потенцијалите и можностите од информациско-комуникациските технологии како потикнувачи на промените во економијата базирана на знаење;
  • Способност за истражување и предвидување на потребите од имплементација на е-бизнис решенија во областа на бизнисот и економијата;
  • Способност за дизајнирање, креирање, имплементација и менаџирање со е-бизнис решенија и веб базирани информациски системи во согласност со стратегиските цели на организациите;
  • Способност за идентификување, мапирање, анализирање и презентирање подобрени бизнис процеси;
  • Стекнување на консалтинг вештини од областа на е-бизнисот во приватниот и јавниот сектор;
  • Способност за развивање маркетинг стратегии преку интернет и други безжични технологии;
  • Способност за разбирaње и анализирање на теориите и практиките во рамките на е-влада;
  • Способност за менаџирање со синџирот на снабдување;
  • Способност за продолжување на образованието во трет циклус студии.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.