Со особено задоволство информираме дека Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје e координатор и ќе ја предводи новата одобрена европска COST акција со наслов:
EMBRACE – Embedding Sustainability Reporting and Assurance in Accounting and Auditing Education Across Europe (CA25168)
Вградување на известувањето и уверувањето за одржливост во образованието за сметководство и ревизија низ цела Европа
Предлагачи на мрежата се членовите на Катедрата за сметководство и ревизија при Економскиот факултет – Скопје, а иницијативата доби силна поддршка од академската и научната заедница низ Европа. Во процесот на подготовка и формирање на мрежата учествуваа и ја поддржаа повеќе од 50 професори и научници од над 35 универзитети во 18 европски држави, додека интересот за приклучување продолжува да расте со вклучување на нови универзитети, истражувачи и земји.
Одобрувањето на EMBRACE претставува значајно меѓународно признание за Економскиот факултет – Скопје и за македонската академска заедница. Според официјалните информации на COST Association, оваа година биле одобрени само околу 7% од поднесените предлог-мрежи, што ја вбројува EMBRACE меѓу најуспешните европски истражувачки иницијативи во рамките на последниот повик на COST асоцијацијата.
Дополнително, ова е прва COST акција координирана од институција од Република Северна Македонија по подолг временски период, што претставува значаен успех и потврда за растечката меѓународна препознатливост на истражувачкиот потенцијал на Економскиот факултет – Скопје.
Цел на мрежата
Главната цел на EMBRACE е да создаде паневропска мрежа која ќе придонесе за интегрирање на одржливото известување и уверувањето во високото образование, особено во студиските програми по сметководство и ревизија. Мрежата е директно усогласена со најновите европски регулативи, вклучувајќи ја Corporate Sustainability Reporting Directive (CSRD) и European Sustainability Reporting Standards (ESRS).
Преку развој на современи наставни содржини, методологии за оценување, дигитални алатки, заеднички наставни активности и меѓународни обуки, мрежата ќе придонесе за подготовка на нова генерација професионалци способни да одговорат на растечките барања за одржливо корпоративно известување и ревизија.
Организација на мрежата
EMBRACE ќе се реализира во период од четири години и ќе биде организирана преку пет работни групи. Во рамките на мрежата се предвидени научни состаноци, работилници, тренинг школи, краткорочни научни мисии, развој на образовни ресурси и заеднички истражувачки активности меѓу партнерите од Европа.
Официјалниот почеток на COST Action EMBRACE е закажан за 15 септември 2026 година со првиот состанок на Менаџмент комитетот кој ќе се одржи во Брисел, Белгија.
Одобрувањето на EMBRACE претставува значаен чекор кон зајакнување на меѓународната видливост на Економскиот факултет – Скопје, продлабочување на европската академска соработка и позиционирање на С. Македонија како активен учесник во развојот на современото образование и истражување во областа на одржливоста, сметководството и ревизијата.
