fbpx

Информација за одржан вебинар на тема „DIGITAL TRANSFORMATION OF BUSINESSES AND CONSUMERS“

На 27-ми април, 2021-ва година се одржа вебинар на тема „DIGITAL TRANSFORMATION OF BUSINESSES AND CONSUMERS”, во организација на Катедрата за е-бизнис при Економскиот Факултет – Скопје, УКИМ.

На вебинарот учествуваа професионалци со докажано искуство и експертиза во областа на дигиталниот бизнис:

  • Иво Стојановски – Digital Transformation Expert, А1 Македонија
  • Искра Конеска – HR & People Development Manager, Intertec.io
  • Александар Николовски – Член на УО, Капитал Банка А.Д. Скопје
  • Јанко Дракуловски – сопственик, GSM Media

Настанот започна со воведно обраќање на проф. д-р Лидија Пулевска-Ивановска, а потоа дискусијата ја започнаа и модерираа проф. д-р Димитар Јовевски и асс. м-р Мартин Киселички. Целосниот фокус беше насочен кон иновациите на бизнис секторот и воведувањето на дигитализирани процеси, организациска структура и услуги, како и променетите барања од потрошувачите во екот на пандемијата. Базирајќи се на богатото искуство на говорниците, беа опфатени аспекти и елементи од различни индустрии. Говорниците посочија дека во последната година експоненционално се зголеми потребата за водење на бизнисот со помош на дигитални иновации и алатки, при што предизвиците за секоја компанија се индивидуални и бараат целосно редефинирање на процесите кои се веќе поставени. Дискусијата се водеше со фокус во две посебни насоки за компаниите:

  • Дигитална трансформација на интерни процеси и структура
  • Дигитална трансформација на услуги и однос со потрошувачи

Трендот кој се појави минатата година со виртуелно работење се очекува да продолжи и во иднина, а главните предизвици кои беа посочени од говорниците беа мотивацијата и осаменоста при работењето од дома. Постојат голем број на дигитални алатки кои компаниите можат да ги имплементираат за реплицирање на традиционална работна околина, а во одредени случаи може и да се преферира ваквиот виртуелен начин на работа.

Кога станува збор за потрошувачите, главниот предизвик што го создаде пандемијата е лимитирањето на физичкиот контакт и досегашниот начин на интеракција. Дигиталната трансформација нуди нови можности на интеракција, при што беа посочени практични примери од искуството на говорниците, како целосно автоматизираниот робот (chat bot) „Славчо“ на А1 Македонија или пак првата виртуелна експозитура воведена од Капитал Банка А.Д. Скопје. Говорниците посочија дека процесот на дигитална трансформација е комплексен, а должината зависи од барањата, потребите и ресурсите на една компанија.

Отворениот формат и даде шанса и на публиката да се вклучи со прашања до говорниците, при што дискусијата беше збогатена со подетална анализа на досегашните искуства на говорниците со предизвиците при имплементација на дигитални решенија, како и нивните предвидувања за идни трендови поврзани со дигиталната трансформација.

Кон самиот крај на вебинарот, преку сублимација на главните точки и поенти на дискусија, беше констатирано дека дигиталната трансформација како процес е неизбежна за секоја модерна компанија. Бариерите кои се појавуваат при имплементација може да бидат надминати со посветување на време и ресурси во овој потфат, а постојат голем број на можности и предности кои се отвораат за компаниите при воведување на дигитални иновации во своето работење.

Comments are closed.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.