fbpx

Информација за одржан вебинар на тема „CHANGING THE MARKETING LANDSCAPE IN 2021: CHALLENGES AND PERSPECTIVES“

На 11 март 2021 година се одржа вебинар на тема: „CHANGING THE MARKETING LANDSCAPE IN 2021: CHALLENGES AND PERSPECTIVES“, во организација на Катедрата за маркетинг при Економскиот факултет-Скопје, УКИМ.

На вебинарот учествуваа истакнати говорници и докажани маркетинг-професионалци кои на слушателите им понудија одлична дискусија на актуелни теми од динамичната маркетинг-проблематика и тоа: Мери Шешо, раководител на одделот за дигитални услуги во McCann Skopje; Оливер Петровски, Managing Director на New Moment Tirana; Ненад Атанасов, сопственик на компанијата Нени Компани (мултибренд продавниците City Fashion) и Драган Јосифовски, ко-основач и управител на Paket.mk.

Дискусијата на вебинарот се движеше во насока на ретроспектива на изминатата година и предизвиците со кои се соочија компаниите во маркетинг работењето, генерално, но и од аспект на промените во комуникациските активности. Низ примери од искуството се потенцираше начинот на кој компаниите успеаа да се реструктуираат и прилагодат на новонастанатата ситуација. Говорниците истакнаа и дека изминатата година влијаеше и на навиките на потрошувачите, во смисла на тоа што потрошувачите кои во минатото преферираа исклучиво физички продавници, со новонастанатата ситуација ги променија своите ставови во корист на онлајн купувањето.

Говорниците ја потенцираа поплуарноста и ефективноста на дигиталниот маркетинг со напомена дека таа популарност ќе продолжи да расте и во 2021 година, за што говорат и податоците за доминацијата на дигиталното рекламирање кое се прогнозира дека ќе учествува со дури 60% во вкупниот буџет за промоција на светско ниво. Дискусијата ја збогатија и слушателите кои поставија интересни прашања со кои опфатија различни аспекти на маркетингот, но особено интерес предизвикаа некои од актуелните и брзорастечки социјални мрежи како Pinterest и Tik Tok. Секако, како неизоставен дел на промотивните активности на компаниите, особено во услови на нивно зголемено онлајн присуство, беше истакната и ефективноста на е-маил маркетингот, кој се јавува како  одлична можност за личен и персонализиран пристап до потрошувачот. Тргнувајќи од целокупната дискусија и излагањата и коментарите на говорниците, вебинарот се затвори со заклучокот дека за успех на компаниите е потребна иновацијата во сите бизнис процеси, вклучително и во маркетинг-активностите, особено имајќи го предвид фактот дека пандемијата го забрза процесот на дигитализацијата на бизнисите.

 

 

Comments are closed.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.