Обука со користење виртуелна реалност за време на посетата на Царинската управа на РС Македонија

На 11.12.2025 г. на иницијатива на Регионалниот тренинг центар – Светска царинска организација во Скопје, а во соработка со Жан Моне Катедрата на Економскиот факултет при УКИМ, студентите што ја следат наставата на  предметите Надворешна трговија кај проф. д-р Ирена Кикеркова, Европски економски интеграции кај проф. д-р Елена Макревска Дисоска  и Меѓународен менаџмент кај проф. д-р Љубомир Дракулевски,  ја посетија Царинската управа на РС Македонија. Самостојните советници од Одделението за обуки во Секторот за човечки ресурси во Царинската управа на студентите, Лилјана Живковиќ Давиткова, Никола Костовски и Софија Цветкова, им ја демонстрираа опремата за виртуелна обука на царински службеници за детектирање на недозволени стоки во контејнери во поморскиот транспорт и мали пратки во авионскиот транспорт. Со оглед на фактот што нашата земја нема излез на море, поголемо внимание беше посветено на можностите што ги овозможува оваа опрема во обуката на царинските службеници што работат во аеродромскиот царински магацин.

Најпрвин беше посочено дека по проценката на царинскиот ризик зависно од потеклото на стоката, стоките се упатуваат во царинска постапка на три т.н. канали: зелен канал  на кој стоките веднаш, без задржување се спроведуваат во царинска постапка; жолт канал, во кој пред да започне царинската постапка се врши дополнителна документациска контрола и црвен канал, на кој завршуваат стоки со висок ризик, кај кои покрај дополнителна документациска контрола, треба да се изврши и физички преглед. Потоа, беше демострирана опремата за виртуелни обуки. Посебен акцент беше ставен на предностите од овој вид на обука во поглед на избегнувањето на несакани грешки и застои во работењето кога обуката се врши со физичко присуство на аеродромите, што воедно овозможува зголемување на ефикасноста во обучувањето на цариниците со заштеда на време и намалување на трошоците.

Студентите имаа можност поединечно да ја пробаат опремата и да ги искусат можностите што ги овозможува нејзината употребата во обуките за откривање на криумчарена или неправилно декларирана стока.

Посетата остави силен впечаток врз целата група по што студентите изразија посебен интерес да ја оформат практичната обука во Царинската администрација.

Би сакале да изразиме особена благодарност до колегите од Царинската управа за нивниот топол прием и за долгогодишната соработка и партнерство со УКИМ, Економски факултет – Скопје.

Со почит,
Економски факултет – Скопје

Comments are closed.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.