fbpx

Онлајн продажбата и однесувањето на купувачите: успешни примери од македонската практика.

На 16 март 2022 година се одржа вебинар на тема: „Онлајн продажбата и однесувањето на купувачите: успешни примери од македонската практика“, во организација на Катедрата Маркетинг при Економскиот факултет-Скопје, УКИМ.

На вебинарот учествуваа истакнати говорници и докажани маркетинг-професионалци кои презентираа успешни примери од македонската практика во контекст на онлајн продажбата и однесувањето на купувачите и тоа: Сања Јанеку, оперативен директор во Кајгана Медиа и Павле Миролајски, главен оперативен директор во Polyesterday.

Дискусијата на вебинарот се движеше во насока на нивните маркетинг-активности и предизвиците со кои се соочуваат двете компании при онлајн продажбата. Низ примери од искуството се потенцираше начинот на кој овие две компании ги спроведуваат своите активности во врска со онлајн продажбата и односите со купувачите, почнувајќи од основањето на нивните е-продавници, моменталната позиција, како и идните активности кои планираат да ги преземат, а во насока на зголемување и унапредување на онлајн продажбата.

Дискусијата ја збогатија и слушателите кои поставија интересни прашања со кои опфатија различни аспекти на маркетингот и онлајн продажбата, но особено интерес предизвикаa факторите кои влијаат на успешноста на процесот на онлајн продажба и позитивните перцепции кај купувачите во смисла на безбедност на купувачите, заштита на личните податоци, политика на враќање на производите, како и влијанието на нерегистрираните онлајн трговци врз задоволството, односно незадоволството на купувачите од онлајн продажбата. Понатаму, се дискутираше и за навиките на македонскиот купувач, како и каде најчесто нарачуваат купувачите и каков начин на плаќање преферираат во зависност од нивните демографски карактеристики. Маркетингот преку социјални медиуми кој компаниите го применуваат, особено маркетингот на Facebook, несомнено секогаш предизвикува интерес кај публиката, па во таа насока се дискутираше не само за промотивните активности кои ги преземаат компаниите, туку и за демографската и психографската анализа на купувачите со цел нивно подобро таргетирање, односно ре-таргетирање. Тргнувајќи од целокупната дискусија и излагањата и коментарите на говорниците, вебинарот се затвори со заклучокот дека компаниите мора будно да го следат однесувањето на купувачите и нивните барања и да ги прилагодуваат деловните одлуки во поглед на тоа кои канали на комуникација ќе ги користат како онлајн така и офлајн, како и во поглед на вклучување на нови канали на комуникација, на пример, други социјални мрежи кои стануваат популарни меѓу потенцијалните купувачи, посебно имајќи предвид дека пандемијата значително влијаеше на промена на куповните навики и свртување кон онлајн купување преку различни канали.

Со почит,

Економски факултет – Скопје

Comments are closed.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.