Одржана работилница на тема: „Моќта на невромаркетингот“

На 7 март 2023 година се одржа работилница со физичко присуство на тема: „Моќта на невромаркетингот“, во организација на Катедрата Маркетинг при Економскиот факултет-Скопје, УКИМ.

На работилницата говореше Весна Кузмановиќ, докажан и успешен претприемач и воедно прва жена претприемач од Македонија со успешен exit во 2007 год кога ја продава својата компанија на интернационалната компанија за истражување на пазар GfK. Докторанд  е на Иновациски менаџмент, а во последните 7 години е посветена на работа во областа на невромаркетингот. Стекнатото искуство во невромаркетинот во соработка со МАНУ резултира во ИКТ производ – DIY платформата Импала како глобално уникатно решение кое сега станува достапно ширум светот.

На работилницата се објасни како со примена на невромаркетингот односно со употреба на напредна биометриска технологија во маркетинг-истражувањето може да се разбере на кој начин потрошувачите ги перцепираат и реагираат на маркетинг-стимулите. Преку примери од македонската практика во невромаркетингот се презентираа добиените резултати и заклучоци во функција на дефинирање ефективни маркетинг-стратегии кои ќе го подобрат целокупното искуство на потрошувачите и ќе резултираат во остварување на целите на брендот.

На работилницата се претстави и DIY платформата Импала, дизајнирана да им помогне на компаниите да го разберат и да влијаат на однесувањето на потрошувачите. Преку оваа платформа може да се тестираат маркетинг-комуникациски пораки (пр. слогани), визуелни решенија, визуелен идентитет и брендинг-стратегија, ценовна стратегија, како и пакување на производ. Резултатите кои се добиваат од овој софтвер се во неколку форми: heatmaps (приказ на деловите од маркетинг-кампањата кои привлекуваат најмногу внимание преку eye tracking heatmaps), gaze pattern (следење на движењето на окото на елементите на одреден стимул), clicks (споредба на несвесното со свесното однесување преку преглед на одговорите на прашањата прикажани на крајот на стимулите), време поминато на одреден елемент на стимулот, како и facial coding (преглед на интензитетот на седум емоции кои ги предизвикуваат стимулите).

На крајот на работилницата слушателите имаа можност и практично да ја применат платформата и да учествуваат како испитаници во едно од истражувањата кои ги спроведува Импала.

Дискусијата ја збогатија и слушателите кои поставија интересни прашања со кои опфатија различни аспекти на невромаркетинот, но особено интерес предизвика cloud базираниот софтвер при што се дискутираа етичките предизвици за негова примена, но и можностите за идна надоградба и примена на понапредни технологии кои ги нудат мобилните телефони, имајќи предвид дека моменталното решение е најсоодветно за примена на компјутер и/или таблет. Тргнувајќи од целокупната дискусија и излагањата и коментарите на говорниците, работилницата се затвори со заклучокот дека за успех на компаниите е потребно да го разберат потсвесното однесување на потрошувачите, бидејќи тоа е однесување кое во голема мера е водено од потребата за опстанок и развој на човекот.

Comments are closed.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.