Одржан семинар „Обликување на шеми за одржлива миграција: Сознанија од проектот Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“

На 26 февруари 2025 година, Економски факултет – Скопје беше домаќин на семинарот „Обликување на шеми за одржлива миграција: Сознанија од проектот Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ организиран во рамки на Хоризонт проектот „Skills4Justice“.

Целодневниот семинар беше можност за презентирање на резултатите од проектот во поглед на евалуација на пазарот на труд, анализирање на усогласувањето на потребите на работодавачите и недостатоците од квалификувана работна сила и потенцијалот на вработените.

Семинарот го отворија проф. д-р Предраг Трпески, декан на Економски факултет – Скопје, проф. д-р Виолета Цветкоска, раководител на проектот „Skills4Justice“, проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука. Во своите поздравни обраќања тие се осврнаа на значењето од зајакнување на партнерствата помеѓу институциите во екосистемот на образование и развој на работната сила за зајакнување на одржливи модели на миграција.

Министерката Јаневска пред почетокот на настанот реализираше средба со деканот на Економски факултет – Скопје, проф. д-р Предраг Трпески и членовите на деканатот, по што ги посети просториите на Економскиот факултет – Скопје каде разговараше со дел од студентите за образовните процеси, нивните перспективи и размислувања.

Со цел непосредно да се слушне „гласот“ на креаторите на политики, бизнис секторот и давателите на образовни услуги, во рамки на семинарот се одржа и панел дискусија насловена „Од истражување до политики: искористување на податоците за праведна миграција“. Присутните имаа можност да дознаат повеќе за најбараните вештини, начините за стигнување до подобро квалификувана работна сила и стратегиите за справување со миграцијата од панелистите: м-р Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд, м-р Мирослав Лабудовиќ, заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини, проф. д-р Рубенс Јовановиќ, продекан за меѓународна соработка на Медицинскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Ефтим Здравевски, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, м-р Никола Ефтимов, раководител на човечки ресурси во „Алкалоид“ AД Скопје, д-р Орде Ѓорѓиоски, Директор на правни и општи работи на Прехранбена индустрија „Витаминка“ АД Прилеп, д-р Беркан Имери, извршен директор на „Халкбанка“ АД Скопје и м-р Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар.

Comments are closed.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.