Прва Алумни средба на Економски факултет – Скопје: Заедно, Напред!

Со големо задоволство ве известуваме дека првата Алумни средба на Економски факултет – Скопје беше успешно реализирана, оставајќи силен впечаток и незаборавни моменти кај сите присутни. Овој значаен настан, одржан на 12 декември 2024 година, претставуваше можност за повторно поврзување, споделување искуства и отворање нови перспективи за соработка.

Деканот, проф. д-р Предраг Трпески, го истакна значењето на Алумни мрежата како клучен фактор за континуиран раст, размена на знаење и професионален развој. Во својот говор, тој ја нагласи визијата за посилна поврзаност помеѓу факултетот и неговите поранешни студенти под мотото „Заедно… Напред“.

Претседателот на  Одборот за поддршка на Алумни, Александар Манев, ја потенцираше важноста од создавање заедница која ќе служи како мост помеѓу различните генерации на студенти, колеги и пријатели. Тој ја истакна улогата на Алумни мрежата како платформа за вмрежување, поддршка и заеднички успех.

Членовите на Одборот за поддршка на Алумни, Сергеј Зафироски и проф. д-р Катерина Тошевска-Трпчевска, со своите инспиративни обраќања, ја нагласија потребата од создавање платформа за размена на знаење и искуства. Зафироски ја истакна вредноста на заедничката поддршка и ја изрази својата верба дека оваа иницијатива ќе стане значаен дел од професионалниот развој на нејзините членови. Д-р Тошевска-Трпчевска, го сподели своето лично академско патување, истакнувајќи дека Алумни мрежата е чест и можност за вмрежување, синергија и отворање нови врати за идните генерации.

Настанот продолжи во пријатна атмосфера со коктел-забава, каде што присутните имаа можност да разговараат, да разменат искуства и да размислуваат за потенцијални идни соработки. Средбата ја потврди важноста на Алумни мрежата како двигател на развојот на економијата, образованието и општеството во целина.

Огромна благодарност до сите кои беа дел од оваа иницијатива и ја поддржаа идејата за зајакнување на врските помеѓу студентите, академијата и бизнис-секторот. Ова е само почеток на една успешна приказна!

Со нетрпение очекуваме идни средби и продолжување на нашата заедничка визија!

#ЕкономскиФакултет #Алумни #ЗаедноНапред

Comments are closed.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.