Департман финансии

 Со студиската програма по Финансиски менаџмент (денес Финансии) студентите ќе се стекнат со неопходни теоретски знаења и практични вештини за успешно работење во финансиските институции во приватниот и во јавниот сектор, како и за извршување на финансиската функција во претпријатијата во реалниот сектор.

Конкретно, основни цели на студиската програма по Финансии:

  • Студентите да се здобијат со знаења за финансискиот сектор и теоретските модели за вреднување на финансиските инструменти и за финансиското посредување.
  • Студентите да се здобијат со способности и вештини примена на практичните методи и техники за извршување на финансиската функција во претпријатијата, за инвестирање во финансиски инструменти и за раководење со финансиските финансиските институции.

 Во периодот по економското осамостојување, финансискиот сектор се покажа како еден од најпропулзивните дејности во стопанската структура, забележувајќи исклучително динамичен развој. Во таа смисла, слободно може да се каже дека реформите во финансискиот сектор заземаа едно од централните места во трансформацијата на македонската економија и изградбата на пазарно-заснован економски систем. Така, економското осамостојување започна со процесот на изградба на независен монетарен систем (воведување сопствена валута, централна банка и монетарна политика), а потоа следуваше процесот на рехабилитација на банкарскиот сектор. Во последниве години, забележителен е напредокот во останатите сегменти на финансискиот сектор, т.е. појавата на нови финансиски институции (брокерски куќи, инвестициски фондови, финансиски друштва, друштва за управување со пензиски фондови итн.) и нови финансиски инструменти (државни записи, еврообврзници, корпоративни обврзници, удели во инвестициски фондови итн.). Истовремено, во поново време се засилува и трендот на поголемо интегрирање на македонските финансиски пазари во глобалните финансиски текови. Сето тоа ја наметнува потребата од студиски програми кои ќе понудат продлабочени знаења за карактеристиките на финансиските инструменти и за функционирањето на финансиските пазари и институции.

Студиската програма по Финансии обезбедува создавање компетентни кадри кои ќе бидат оспособени да одговорат на барањата на финансиските институции од приватниот  и од јавниот сектор. Во тој поглед, искуството покажува дека постои силно изразена и перманентна побарувачка за специјализирани кадри од областа на финансиите, кои релативно лесно наоѓаат вработување во повеќе финансиски институции, како што се: банките, инвестициските фондови, брокерските куќи, како и во соодветни државни институции (министерството за финансии, централната банка, банката за поддршка на развојот, агенцијата за супервизија на осигурителните друштва итн.).

Според кадровската профилираност, дипломираните студенти на оваа студиска програма ќе стекнат способности и квалификации за анализа и практична примена на: анализа на поединечните видови хартии од вредност и на портфолијата од хартии од вредност; примена на одделни стратегии за тргување со хартии од вредност, анализа на финансиските извештаи на претпријатијата, оцена на инвестициските проекти на претпријатијата, анализа на спојувањата и преземањата на претпријатијата, раководење со ликвидносниот ризик на претпријатијата и на финансиските институции, мерење и раководење со пазарниот ризик на финансиските институции, мерење, анализа и раководење со кредитниот ризик на финансиските институции, раководење со средствата на небанкарските финансиски институции, изработка на даночни анализи, подготовка и анализа на буџетите на централната и на локалната власт, финансирање на меѓународната трговија итн. 

Дипломираниот економист по финансиски менаџмент ги познава основите економски законитости и појави, особено во областа на финансиите, и владее со техники за анализа на процесите и состојбите, како и предлагање и избор на решенија за согледаните проблеми.

СПЕЦИФИЧНИ КОМПЕТЕНЦИИ:

Дипломираниот економист на департманот по финансиски менаџмент се оспособува за примена на техники и алатки за анализа и предвидување на финансиските текови, како и за управување со финансиите во финансиските институции, нефинансиските трговски друштва и со јавната администрација.

Општи и специфични дескриптори на квалификацијата

Со усвојувањето на сознанијата на оваа студиска програма, се очекува студентoт да ги демонстрира следниве знаења, способности и вештини:

1) Знаење и разбирање

  • ги познава институционалната структура на финансиските пазари, карактеристиките на одделните видови финансиски инструменти (акции, обврзници, штедни влогови, заеми, финансиски деривати итн.) и делувањето на различни финансиски институции (банки, осигурителни компании, пензиски фондови, инвестициони фондови итн.).
  • ги разбира основните принципи на финансиите, суштината на современата портфолио теорија и принципите на вреднување на основните класи на финансиски инструменти: акциите и обврзниците.
  • поседува знаења за најважните видови активни, пасивни и неутрални банкарски работи, за современите методи за управување со средствата, ликвидноста, обврските и капиталот на банките и стекнува способности за анализа на конкретни проблеми од деловната политика на комерцијалните банки.
  • ги разбира и критички ги анализира основните прашања од областа на меѓународните финансии, како што се: формирањето на девизните курсеви и функционирањето на девизниот пазар, главните компоненти на платниот биланс, клучните меѓународни финансиски институции и финансирањето на меѓународната трговија.
  • поседува продлабочени знаења од јавните финансии, преку анализа на современите даночни системи, карактеристиките на одделните јавни давачки (даноци, придонеси, царини итн.) и буџетскиот процес, и стекнува способност да ги анализира ефектите на фискалната политика.

2) Примена на знаењето и разбирањето

  • Како финансиски експерт во државните и јавните институции (државна администрација, фондови, влада, министерства, даночна управа, и сл.), студентот изготвува финансиски планови и учествува во процесот на буџетирање;
  • Како финансиски менаџер во нефинансиските трговски друштва (јавните, приватните, акционерските и сл.), студентот учествува во извршувањето на финансиската функција;
  • Како менаџер во банките и другите финансиски институции, студентот извршува различни задачи, поврзани со процесот на управување со ликвидноста, кредитната анализа и управувањето со ризиците;
  • Извршува разни работи како финансиски експерт во областа на даноците и јавното финансирање (даночни консултанти, финансиски инспектори), како и во доменот на осигурувањето и царинската проблематика;
  • Како експерт за финансискиот пазар (берзата на хартии од вредност, брокерски друштва и сл.), студентот спроведува фундаментална и техничка анализа, прави проекции на идното движење на финансиските варијабли итн.;

3) Способност за проценка 

  • студентот покажува способност за собирање, обработка и интерпретација на информациите за  појавите  во  финансискатa економија.           

Покажува способност за оценка и избор на научни теории кои во своите рамки даваат одговор и препораки за движењето на финансиските појави во иднината.

  • покажува способност за избор на најповолна насока на дејствување во рамките на финансискииот систем (фискалната политика, монетарната политика, финансиските институции), а со цел постигнување на посакуваните цели – економска благосостојба, високо ниво на вработеност, стабилен финансиски систем, одржлив економски раст и развој.

4) Комуникациски вештини

  • покажува способност за комуникација каде темата на дискусија и критериумите за донесување на правилна одлука не се засновани на јасно дефинирани или се базирани на одредени мислења.
  • покажува способност за независно учество на специфични, научни и интердисциплинарни дискусии, со професионален пристап.
  • прифаќа консулатции од професионалци од неговата и од други научни дисциплини, со спремност критички и објективно да ги даде сите неопходни аргументи за или против одредена акција во промените на финансиската структура
  • способен е за проценување и презентирање информации врз основа на добиените резултати.

5) Вештини на учење

  • демонстрира совладани вештини за учење – концентрација, читање и слушање, меморирање, користење на времето;
  • демонстрира способност за разумна оцена на идеи со критичко размислување, истражува стратегии (и ставови) за генерирање идеи со креативното размислување;
  • ефикасно ги користи овие размислувања и стратегии за решавање на секојдневните проблеми и во научниот метод.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.