Департман Маркетинг

Цели на студиската програма:

  • Студентите да се здобијат со знаења за маркетинг-концепцијата и инструментите на маркетингот и нивното значење во работењето на современите бизниси и организации.
  • Студентите да се здобијат со знаење за однесувањето на потрошувачите, методите кои се користат во маркетинг-истражувањето, маркетинг-стратегиите и тактиките, управување со иновациите, дигиталниот маркетинг и маркетингот преку социјални медиуми и нивна креативна примена во практиката преку користење на соодветни онлајн и офлајн алатки за дизајн, имплементација и следење и контрола на резултатите од маркетинг-активностите.

Со развојот на компаниите и особено со развојот на интернетот и социјалните медиуми, компаниите се исправени пред предизвикот да се прилагодат на тие промени, и да бидат генератори на промените. Со цел да држат чекор со конкуренцијата на домашниот и меѓународниот пазар без разлика дали се пристутни офлајн и/или онлајн на пазарот, дефинирањето на најдобрата маркетинг-стратегија и градењето посакувана позиција на брендот на пазарот е од клучно значење за постигнување деловен успех. За таа цел компаниите треба да применат холистички маркетинг-пристап и успешно да ги имплементираат активностите кои се однесуваат на маркетинг-планирање, маркетинг-истражување, да дефинираат соодветни стратегии на производ и иновации, стратегии на дистрибуција, стратегии на цени и интегрирани маркетинг-комуникации, како и да стават фокус на креативноста, на дигиталните маркетинг-активности и маркетинг-активностите преку социјални медиуми. Во услови на работење како на домашниот, така и на странските пазари кои преку интернетот стануваат лесно достапни, за компаниите е особено важно вработените да бидат обучени за примена на маркетинг-концепцијата преку ефективно искористување на сите офлајн и онлајн маркетинг-алатки и техники кои стојат на располагање. Тоа создава потреба од студиска програма за прв циклус студии од областа на маркетингот, која ќе понуди соодветни знаења, способности и вештини од офлајн и онлајн маркетингот. Ваквите знаења, способности и вештини се неопходни за сите оние кои се ангажирани во деловните компании како бренд-менаџери, акаунт-менаџери во маркетинг-агенции, аналитичари на пазар, специјалисти за маркетинг-истражување, менаџери за развој на производи, специјалисти за дигитален маркетинг, слецијалисти за маркетинг преку социјални медиуми, маркетинг-менаџери, специјалисти за маркетинг-комуникации, специјалисти за односи со јавност, специјлисти за цени, специјалисти за управување со односите со купувачите итн., но и за оние ангажирани во институциите од јавниот сектор кои се тесно поврзани со работењето, регулацијата и контролата на аудио и аудиовизуелните медиуми, онлајн медиумите и електронските комуникации генерално, со следење на пазарот, привлекување странски инвестиции, како и во делот на комуницирањето со јавноста и односите со јавноста. Исто така, со стекнатите знаења и вештини, студентите се оспособуваат за отпочнување свој бизнис кој ќе нуди услуги од областа на маркетингот. Паралелно, стекнатото маркетинг-знаење и вештини ги оспособува студентите за правење научно-стручна и независна анализа и евалуација на имплементираните маркетинг-кампањи со цел следење на резултатите и предлагање мерки за поефикасно и поефективно спроведување на идните маркетинг-кампањи, односно ги оспособува за критичка оцена на презентираните идеи, нудење оригинални решенија и успешно справување со секоја поставена задача во доменот на маркетингот во секојдневното работење и живеење.

Студиската програма по Маркетинг е структурирана на начин што овозможува стекнување знаења и квалификации од офлајн и онлајн маркетингот. По завршувањето на студиите од прв циклус по маркетинг, студентите ќе се стекнат со знаење, вештини и компетенции кои ќе им овозможат да се ангажираат и унапредуваат во повеќе кариерни дисциплини: анализа на пазар, анализа на однесување на потрошувачите, маркетинг-истражување, маркетинг-планирање, маркетинг-одлучување, анализа и оценка на позицијата на брендот, офлајн и оналјн медиуми за комуникација итн.

Преку знаењата стекнати на студиската програма по маркетинг, студентите ќе бидат подготвени за успешна кариера и во приватниот (бизнис) сектор и во јавниот сектор. Кариерата во јавниот сектор се однесува на различни регулаторни агенции (Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенција за електронски комуникации, Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот и сл.), министерства (посебно за економските ресори), но и сите други министерства во секторот за комуникација и односи со јавноста. Кариерата во приватниот сектор се однесува на: маркетинг-агенциии, агенции за дигитален маркетинг, агенции за истражување на пазар, телекомуникациски компании, банки и други финансиски институции, во маркетинг-одделите на приватни трговски друштва од различни секторидејности, како и основање и градење сопствена компанија преку примена на стекнатите знаења и вештини од областа на маркетингот. Исто така, со оглед на примената на маркетинг-концепцијата и во невладиниот сектор, знаењата стекнати на оваа студиска програма може успешно да се применат и кај невладините организации, но и кај меѓународните организации и институции.

Дипломираниот економист од областа на маркетингот ги познава основите економски законитости и појави и владее со техники за анализа на процесите и состојбите, како и предлагање и избор на решенија за согледаните проблеми.

СПЕЦИФИЧНИ КОМПЕТЕНЦИИ:      

Дипломираниот економист од областа на маркетингот се оспособува за примена на техники за управување со маркетинг активностите на компаниите, т.е. со управување на производот, цената, дистрибуцијата и промоцијата. Дополнително, дипломираниот економист од областа на маркетингот се оспособува за примена на методи за истражување на пазарот, однесувањето на потрошувачите и на маркетинг инструментите. Според тоа, работните места на кои овие кадри можат да се вработуваат се компаниите од приватниот и јавниот сектор, јавните установи и јавната управа, граѓанските здруженија и  други институции.    

Општи и специфични дескриптори на квалификацијата 

Со усвојувањето на сознанијата на оваа студиска програма, се очекува студентoт да ги демонстрира следниве знаења, способности и вештини:      

Знаење и разбирање:

  • Демонстрира знаење во врска со маркетинг инструментите и управувањето со нив во насока на остварување на позитивни резултати во работењето на компанијата.
  • Покажува знаење кое е неопходно за идентификување на различните аспекти и фактори кои влијаат врз однесувањето на потрошувачите и врз процесот на донесување одлука при купување.
  • Покажува знаење за одделните фази од процесот на маркетинг истражување и различните квалитативни и квантитативни методи што се користат во маркетинг истражувањето.
  • Демонстрира знаење за идентификување на информациите и аспектите кои се неопходни за развивање на соодветен маркетинг план и маркетинг стратег ии.

Примена на знаењето и разбирањето:                 

  • Ги применува теоретските познавања со помош на кои успешно ги идентификува и ги комбинира одделните инструменти од маркетинг миксот на компаниите.             
  • Самостојно развива маркетинг истражувачки проект и ги истражува и анализира одделните маркетинг инструменти, како и ставовите, перцепциите и однесувањето на потрошувачите, предлагајќи соодветни решенија.
  • Ги применува теоретските принципи за развивање на маркетинг план и маркетинг стратегии.

Способност за проценка:

  • Покажува способност за набљудување на маркетинг процесите и идентификување на релевантните информации, неопходни за управување со овие процеси.
  • Покажува способност за идентификување и прибирање на релевантни примарни и секундарни податоци, неопходни за истражување на маркетинг појавите и процесите.
  • Демонстрира способност за анализа и интерпретација на добиените податоци и нивна примена во насока на унапредување на маркетинг работењето на компаниите.

Комуникациски вештини:

  • Покажува способност за тимска работа, иницира дискусии, но и активно го слуша соговорникот.
  • Успешно ги применува принципите и кодексите на професионалното деловно комуницирање.
  • Покажува способност за успешна презентација на добиените резултати од спроведените истражувачки проекти.
  • Поседува разбирање на психолошките процеси врз основа на кои се базира однесувањето на потрошувачите, како и човековото однесување генерално.

Вештини на учење:

  • Поседува развиени вештини за учење – читање, меморирање, слушање, интерактивно учество, набљудување и анализа.
  • Демонстрира способност за критичка оцена на презентираните идеи, нуди оригинални решенија и успешно се справува со секоја поставена задача.
  • Ги препознава сопствените интереси во областа на маркетингот и успешно се стекнува со нови знаење и вештини.
75 години

Во 2025 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 75 години од своето основање.