На 27 март 2024 година во просториите на Економскиот факултет – Скопје, успешно се реализираше работилницата на тема „Улогата на жената во економската трансформација на општеството “ во организација на Катедрата за Економија.
Настанот го отворија Деканот на факултетот проф. д-р Предраг Трпески, и раководителот на Катедрата за Економија проф. д-р Даниела Бојаџиева. По воведната презентација на проф. д-р Билјана Ташевска, потоа поканетите говорници Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, Гувернерката на НБРСМ, д-р Анита Ангеловска Бежоска, и Претседателката на Организацијата на Работодавачи на Македонија (ОРМ) д-р Владанка Трајкоска, имаа свои исцрпни излагања, по што следуваше плодна дискусија со студентите, наставниот и соработничкиот кадар.
На работилницата се дискутираа прашања поврзани со вклученоста и предизвиците на жената на пазарот на труд, прашањата поврзани за вреднувањето на женскиот труд, вклученоста на жените во креирањето на политиките и во процесот на донесување на одлуките, предизвиците на жената во науката и образованието, жената во светот на финансиите, жената во светот на бизнисот и претприемништвото, за (не)еднаквоста во можностите за жените и мажите во социо-економскиот контекст на нашето општество и сл.
На крајот на настанот, раководителот на Катедрата за Економија проф. д-р Даниела Бојаџиева, со заклучни согледувања и благодарност до присутните го прогласи настанот за успешно завршен.