На 9 и 10 ноември 2023 година на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје се одржуваше 4-та Меѓунарoдна конференција под наслов Economic and Business Trends Shaping the Future (https://ebtsf.eccf.ukim.edu.mk ).
Во рамки на оваа дводневна конференција учество земаа над 80 автори и беа презентирани над 30 научни труда. Воедно, Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје со задоволство објавува дека во рамки на оваа конференција, на 9.11.2023 се реализираше информативен настан во соработка со AACSB (Association to Advance Collegiate Schools of Business) т.е. Асоцијација за унапредување на школите за бизнис. Оваа сесија имаше за цел да да вклучи претставници од целиот регион во дискусии поврзани со напредокот во област на бизнис едукацијата и значењето на акредитацијата на AACSB. Во рамки на оваа сесија како главен гостин говорник, свое обраќање имаше професорот Рон Тунинга, извршен директор на AACSB кој се фокусираше на виталниот развој и идните можности во сферата на интернационалната бизнис едукација, споделувајќи го притоа своите значајни согледувања по однос на ова прашање поврзани со академските институции во регионот.
Покрај професорот Тунинга, на оваа информативна сесија гости панелисти беа и проф. д-р Марина Дабиќ од Факултетот за економија и бизнис во Загреб и проф. д-р Метка Текавчиќ од Факултетот за економија и бизнис во Љубљана, а модератор беше проф. д-р Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со организација на овој панел, Економскиот факултет – Скопје покажа дека е посветен на промовирање на заедничките напори и споделување на знаења од област на бизнис едукацијата, со цел да се подигнат стандардите во оваа област во регионот. Сите учесници – претставници од бизнис школите од регионот дадоа свој придонес вклучувајќи се во интересна и плодна дискусија која се очекува да има свој одраз во понатамошната активност на школите за бизнис во насока на стекнување на AACSB акредитација.
Конференцијата се одржуваше во просториите на Економскиот факултет-Скопје, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, во паралелни сесии и заврши на 10.11.2023 година.