Остварена средба на министерката Царовска со деканот на Економскиот факултет-Скопје,УКИМ и деканката на Економскиот факултет-Љубљана (SEB LU)

Министерството за образование и наука ја поддржува академската заедница во напорите за приближување до европскиот модел на универзитет и во достигнувањето на високите стандарди за образование на кадри подготвени за успешно справување со современите предизвици. При тоа, од голема важност е регионалното и меѓународното поврзување. Во оваа насока е и интензивирањето на соработката меѓу Економскиот факултет-Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана. Ова беше речено на средбата на министерката за образование и наука Мила Царовска со деканот на  Економскиот факултет-Скопје, УКИМ проф. д-р Предраг Трпески и деканката на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана проф. д-р Метка Текавчиќ.

 

 

За време на состанокот министерката Царовска нагласи дека е важно нашите високообразовни институции да ги следат добрите практики, како патоказ за реализирање на поквалитетни студиски програми.

 

За младите кои сакаат да ги остварат своите амбиции и визии и да се едуцираат на престижни универзитети, Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана е еден од честите избори, потврди деканката Текавчиќ. Овој факултет е високо рангиран меѓу бизнис школите во светот, а истиот реализира и во нашата земја меѓународни постдипломски студии од областа на економијата и менаџментот.

 

Имајќи го предвид клучното значење на економските науки во надминувањето на глобалните предизвици, деканот Трпески рече дека засилувањето на академската комуникација со колегите од Љубљана, на сите нивоа, е влог во економијата. Како се забрзуваат евроинтеграциските процеси така се зголемува и потребата за подготвен високообразован кадар кој ќе може да се вклучи во предизвикувачката реалност и ќе придонесе во носењето на квалификувани одлуки.

 

 

Comments are closed.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.