Известување за акредитација на студиската програма по Сметководство и ревизија од страна на Асоцијацијата за лиценцирани сметководители (ACCA – Association of Chartered Certified Accountants)

Економскиот факултет – Скопје ве известува дека студиската програма по Сметководство и ревизија на прв циклус студии доби акредитација од страна на Асоцијацијата за лиценцирани сметководители (ACCA – Association of Chartered Certified Accountants) и истата се однесува на периодот од 01.01.2021 година до 31.12.2025 година. Со добиената акредитација Економскиот факултет – Скопје им го олеснува патот на студентите кои сакаат да го продолжат своето професионално усовршување во областа на сметководството, ревизијата, финансиите и менаџментот на најголемото и најбрзо растечкото глобално тело за професионални сметководители – ACCA.

Што значи тоа? – Сите студенти кои ќе дипломираат на департманот Сметководство и ревизија при Економскиот факултет – Скопје се стекнуваат со признавање на одредени предмети од страна на ACCA за време на нивните студии. Со тоа на студентите им се вреднува знаењето што го постигнале за време на нивното студирање, а исто така заштедуваат време и финансиски средства за да ја остварат својата цел – членство во ACCA. Бенефициите од акредитацијата можат да ги користат и студентите од другите студиски програми. При нивното аплицирање за стекнување на звање овластен сметководител според програмата на ACCA ќе им бидат признаени акредитираните предмети доколку ги имаат положено во текот на студирањето.

Но тука не запираат напорите на Катедрата за сметководство и ревизија при Економскиот факултет – Скопје во исполнување на својата цел, а тоа е што поскоро бројот на признаени предмети од страна на ACCA да се зголеми и да го достигне максималниот број на предмети што ги признава асоцијацијата.

Што е ACCA и која е нивната мисија?

ACCA (Асоцијација за лиценцирани сметководители) е најголемото меѓународно тело за професионални сметководители. Асоцијацијата има за цел да понуди релевантни квалификации, способности и вештини на студентите кои одлучиле да градат кариера во областа на сметководството, ревизијата, финансиите и менаџментот.

ACCA ги поддржува своите над 200.000 членови и скоро 500.000 студенти во 180 земји. ACCA работи преку мрежа од 101 канцеларија и соработува со скоро 7.300 работодавачи, тесно поддржувајќи ги оние кои инвестираат во човечки капитал.

Основана во 1904 година, ACCA постојано одржува уникатни основни вредности: можност, разновидност, иновации, интегритет и одговорност. Верува дека сметководителите им носат вредност на економиите во сите фази на развој, бараат да се развие капацитет во професијата и да се поттикне усвојување на глобални стандарди. Основните вредности на ACCA се усогласени со потребите на работодавачите во сите сектори и гарантираат дека преку својот опсег на квалификации, подготвуваат сметководители за деловни активности. ACCA има за цел да им ја отвори професијата на луѓето од сите средини и да ги отстрани вештачките бариери, да ги иновира своите квалификации и да ги задоволи различните потреби на вработените и нивните работодавачи.

 

 

Comments are closed.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.