Департман меѓународна трговија

Студиската програма по меѓународна трговија на прв циклус студии на Економскиот факултет-Скопје првпат е воведена со наставниот план од 1998/99 година како студиска програма по надворешна трговија. Таа е резултат на настојувањето да им се понуди на студентите современа студиска програма, усогласена со структурата на сличните програми на универзитетите во развиените земји. Наставниот кадар на Економскиот факултет ја согледа потребата на стопанството и на јавниот сектор во Република Македонија во пост-транзицискиот период да им се понуди школуван кадар кој ќе ги има усвоено современите принципи на управување со компаниите, процесите, човечките ресурси и останатите компоненти на деловните системи.

Главната цел на студиската програма по меѓународна трговија е создавање високообразован, способен и компетентен кадар кој ќе се стекне со севкупни познавања за функционирањето на меѓународната економија, процесите на регионалното економско интегрирање и вклучувањето на домашните компании во глобалните синџири на вредноста и глобалните синџири на снабдување. Дипломираниот економист на студиската програма по меѓународна трговија има продлабочени теоретски знаења од областа на меѓународната економија и меѓународната трговија и поседува специфични вештини за нивна практична примена. Преку наставата, вежбите, проектните задачи, од понудената литература и софтверот наменет за поддршка на наставата, студентите на оваа програма ќе се стекнат со следните генерички (општи) компетенции:

  • Способност за надградување на стекнатите теоретски знаења и нивна практична примена;
  • Способност за тимска работа, комуникација со соработниците и деловните партнери, подготовка и одржување на презентации;
  • Способност за разбирање на системската законска регулатива од областа на надворешнотрговското и девизното работење и нејзина правилна практична примена;
  • Способност за анализа на податоци, дедукција на заклучоци и интерпретација на добиените резултати.

Дипломираниот економист на студиската програма по меѓународна трговија се оспособува за креирање на макроекономските политики во областа на надворешнотрговскиот и девизниот систем и за нивна практична имплементација. При тоа, студентите ќе се стекнат и со следниве специфични компетенции:

  • Способност за разбирање и усогласување на националните политики од областа со правилата на мултилатералниот трговски систем;
  • Способност за разбирање и усогласување на националните политики од областа со правилата на Европската унија;
  • Способност за спроведување макроекономска анализа од аспект на билансот на плаќањата, утврдување на изворите на нерамнотежа во него и спецификите на расположливиот инструментариум за негово повторно враќање во рамнотежа;
  • Способност за успешно вклучување во современите бизнис текови и практики преку глобалните синџири за снабдување и глобалните синџири на вредноста.

Периодот од воведувањето на студиската програма до денес целосно ја потврди нејзината оправданост. Тоа се покажува како во поглед на нејзината прифатеност меѓу потенцијалните студенти, така и во поглед на стручната оспособеност на дипломираните студенти, кои успешно се вклучуваат во процесите на работа во компаниите и институциите каде што го наоѓаат своето вработување, а дел од нив успешно го продолжуваат и своето школување на студите од втор и трет циклус. Од своја страна, наставниот кадар вклучен во студиската програма во континуитет врши обновување на предметните програми, ги осовременува применетите наставни методи, обезбедува квалитетна и современа литература за поддршка на наставата и вложува зголемени напори во научната работа, чиишто резултати наоѓаат примена и во збогатувањето на самите наставни процеси.

Студиската програма се состои од 23 задолжителни предмети (72% од вкупниот број), додека девет предмети студентите слободно ги избираат од предметите што се изучуваат на Економскиот факултет (28%). На тој начин е создадено јадро од наставни дисциплини за кои се смета дека го формираат профилот на дипломиран економист на студиската програма по меѓународна трговија, додека со останатите предмети студентот добива можност да се дооформи во насоката што ја посакува, односно за која смета дека најмногу би му одговарала во процесот на неговиот професионален развој. Сите предмети носат по 7,5 ЕКТС кредити и студентите имаат можност да реализираат меѓународна мобилност преку вклучување во некоја од постоечките програми за оваа намена. Секоја година одреден број студенти ја искористуваат оваа можност и остваруваат престој од најмалку еден семестар на некоја високообразовна институција во странство.

Студиската програма по меѓународна трговија ги оспособува дипломираните економисти да поседуваат специфични знаења и компетенции со кои можат успешно да ги извршуваат работните обврски на повеќе работни места. Дипломираните економисти на студиската програма по меѓународна трговија ќе бидат соодветни да се вработуваат во разни компании од приватниот и јавниот сектор, јавните установи и јавната управа, граѓанските здруженија и други институции. Со цел да се излезе во пресрет на потребите на пазарот на работната сила, при изработката на новата наставна програма по меѓународна трговија, се направија повеќе разговори со вработени професионалци во државни институции и во приватниот сектор за специфичните знаења и компетенции што се потребни на вработените во областа на меѓународната економија и меѓународната трговија.  Оттаму, дипломираните студенти на студиската програма по меѓународна трговија ќе може да се вработуваат во:

  • Повеќе државни институции, ресорни министерства и агенции, а особено: Министерство за финансии, Царинска управа на Република Северна Македонија, Управата за јавни приходи; Министерството за економија; Минстерството за транспорт и врски; Министерството за земјоделство; Министерството за надворешни работи, Секторот за економска дипломатија; Министерството за заштита на животната средина; и сл.
  • Секторите во сите државни институции надлежни за процесот на интегрирање на нашата земја кон Европската унија;
  • Стопанските комори во земјата;
  • Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони;
  • Фондот за иновации и технолошки развој;
  • Народната банка на Република Северна Македонија;
  • Транснационалните компании што функционираат во ТИРЗ;
  • Приватни компаниите што извршуваат работи на увоз, извоз, транзит, шпедиција, логистика, меѓународен транспорт, посредување и сл.;
  • Комерцијалните банки овластени за платен промет со странство;
  • Осигурителни компании;
  • Невладини организации, и сл.
70 години

Во 2020 Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје слави 70 години од своето основање.